ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за отписот на 2.000 тони жито, СДСМ за тендерот од 9 милиони евра
Дали Заев и Филипче потпишале отпис на 2.000 тони жито, само затоа што Љупчо Николовски имал грант во фиока за Мамас на Заеви?-прашува ВМРО-ДПМНЕ барајќи од обвинителството да покрене истрага за овие случаи.
-Дека станува збор за корупција, се јавува фактот што по отписот на 2.000 тони жито од стоковите резерви на државата во вредност близу 800.000 евра, кое е подарок од Заев и Филипче кон Љупчо Николовски, веќе следната година, тој му возвраќа на Заев со грант од Агенцијата за ИПАРД во вредност од 1,4 милиони евра.Добитник на овој европски грант е фирмата „Тргопродукт’’ на Заеви, односно познатиот бренд „Мамас’’. Уште по сомнително е тоа што во тоа време, овој грант од 1,4 милиони евра, бил втор најголем грант во историјата на ИПАРД програмата. И ова не е единствен ваков случај, и затоа го повикуваме обвинителството да го истражи ова до крај.Сега е шансата на обвинителството да се покаже, да отпочне постапка по допрен глас и да ги провери сите овие сомнежи.
А додека Филипче ги разрешува сите околу него, освен тој самиот, нека одговори до кога ќе ја држи функцијата претседател на СДС само за да му удоволи на Заев и на нивните бизнис интереси, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, возврати со барање обвинителството да постапи околу доделениот тендер од 9 милиони евра на фирма со двајца вработени блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
-Бараме обвинителкството да постапи за големиот корупциски скандал со тендери од речиси 9 милиони евра, доделени на фирма со само двајца вработени.Јавно и детално, пред граѓаните, со факти и докази веќе ја презентиравме целата корупциска шема.Сите докази се јавно достапни, објавени, проверливи и повеќе од доволни за старт на истрага. Поднесовме и пријава до Државната комисија за спречување на коруцпија.
Јавното обвинителство не смее да молчи туку да делува. Крадењето на народот преку корупциски шеми за пумпање на парите мора да запре и да следува одговорност.Станува збор за 9 милиони евра пари на граѓаните кои треба да завршат кај граѓаните а не по џебовите на врхушхата на власт и во Белата палата.
Почитувани, власта на големо спроведува грабеж преку шема за испумпување на народните пари.Ова се истите шеми на Никола Груевски и Сашо Мијалков, со кои се испумпаа 2 милијарди евра пари на граѓаните. Мицкоски само го продолжува тоа што го научил од неговите учители.Исти ликови исти шеми. Иста банда!- порачаа од СДСМ.