Влатко Стефановски се враќа со концерт на Антички за 50. јубилеј – Комерцијална банка ги поддржува културните вредности


Фото: Б. Грданоски

Фестивалската публика во рамки на 64. издание на „Охридско лето“ вечерва ќе може да ужива во настапот на најпознатиот македонски, рок, поп и џез музичар – неповторливиот гитарист Влатко Стефановски. Вечерашниот концерт ќе се одржува на сцената на Античкиот театар од 21 часот. Комерцијална банка е еден од главните спонзори и на 50. јубилеен концерт на гитарскиот виртуоз. Гости на концертот се Дамир Имери, Иван Кукиќ, Јан Стефановски и Горан Папаз.

Од Охрид почнува славеничкиот јубилеј дома и во регионот. На 14 декември Стефановски ќе има концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, на 16 декември во Белград, а на 18 декември во Загреб.

Виртуозот на гитара ќе ја потсети нишката публика на неколку од неговите најпознати хитови какo што сe „Ноќта будна“, „Јованo Јованке“, „Учи мe маjкo, казни мe“, „Kaко кaкао“, „Чyкни во дрво“, “Скoпje”, „Maкедонско девојче”, „Mамурен народ”….., овој пат изведени под ѕвезденото небо на Охрид.  За овој концерт има огромен интерес од публиката.

Стефановски неодамна за „Танјуг“ изјави дека годинава ја слави својата 50-та година на сцената, бидејќи како музичар првата плата ја земал во трета година во гимназија. Познатиот гитарист откри и дека подготвува нов албум, пишува мемоари и дека под етикетата на австриската компанија „Tomastik infeld“  жици од гитара, ќе го носат неговото име,  што, како што вели, му претставува голема чест. Стефановски рече и дека на светот му требаат автентични уметници.

 

„На свој концерт не можеш да бидеш странец, мора да си убедлив, во елемент, внатре, како генератор на енергија и расположение“, посочи Стефановски.

Почнал да свири гитара на 13-годишна возраст, а веќе на 18-годишна возраст ја основа групата „Леб и сол“, која набрзо станува една од најпопуларни рок групи на поранешна Југославија, вешто спојувајќи ја македонската традиционална музика и современ рок.

По распадот на групата „Леб и сол“, Стефановски од средината на деведесеттите развива успешна соло кариера. Со своето „Влатко Стефановски Трио“ настапуваше низ целиот свет, а во 2007 година доделен му е почесен докторат по уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

Легендарниот музичар е познат по својата уникатна гитарска техника и тон бидејќи создава богат звук исполнет со имагинација и едноставност. Благодарение на неговата виртуозност и склоност кон интересни импровизации, неговиот шармантен пристап кон балканската музика и неисцрпната енергија со која плени со децении, Стефановски важи и родоначалник на етно-рокот.