Власта забрзано подготвува закон за ветинг


Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, подготвуваат закон за ветинг и во тек се усогласувања дали  на проверка само судиите и обвинителите – или сите избрани и именувани функционери. Дека се подготвува ваков закон потврди премиерот Ковачевски од самитот Западен Балкан – ЕУ во Тирана.

ДУИ го форсира своето предлог-законско решение од пред две години, според кое со ветинг треба да бидат опфатени и правосудството и политичарите, додека поранешниот предлог на СДСМ во времето на експремиерот Зоран Заев беше  ветинг да има само во правосудството. Засега не се знае каков ќе биде опфатот на ветингот и кое тело ќе треба да го спроведува.

Премиерот Ковачевски од самитот Западен Балкан – ЕУ во Тирана  рече дека  дека  законот за ветинг најверојатно пред пратениците ќе се најде по Нова година.

– Разговаравме  на ниво на коалициски партнери за донесување на закон за ветинг. За тоа разговарав и овде со највисоките претставници на ЕУ. Многу скоро ќе се најде законско решение пред пратениците за спроведување на постапка за оценување на постојните и на идните носители на функции во однос на нивниот интегритет, во насока да се намали можноста за каква било нефункционалност на оние кои што ќе бидат поставени на позиции. Тука, пред сѐ, мислам на намалување на корупцијата, криминалот и на подобрување на управувањето со институциите – рече Ковачевски.

Од ДУИ го поздравија  доаѓањето на тимот за санкции од Вашингтон, а министерот Бујар Османи порача дека неговата партија е подготвена да предложи закон за ветинг и да биде носител на тој процес. Османи рече дека веднаш по почетокот на Стратешкиот дијалог, САД финансиски го помага делот за владеење на правото, а сега продолжува со дополнителни механизми преку поддршка од страна на експерти, искористување на нивните механизми, санкционирање, јавно именување. Според него, законот се однесува „на корумпираните актери“ што, според Османи, значи дека се работи за еден сеопфатен пристап и го дели ставот дека корупцијата во земјата не е само на ниво на политиката, туку на секое ниво.

– Секаде каде што граѓаните се јавуваат на шалтер и бараат услуга од државата има елементи на корупција и ништо не сме направиле ако нема сеопфатен пристап во овој дел. Сеопфатен пристап од портирот на врата до највисокиот функционер во државата – истакна Османи.

Законот за ветинг предложен од интегративците предвидува посебна агенција или комисија да врши проверка на имотите и кредибилитетот на кандидатите за јавни функции. Се предлага проверката да се врши и на актуелни и на поранешни носители на функции.