Власта направи список на сите пожари во соседството и порача: Ние подобро се справуваме!


Претседателот на Кипар, Никос Христодулидис, официјално се извини во име на државата за несоодветниот одговор на властите на катастрофалните пожари во планинскиот регион на Лимасол, кои одзедоа два живота и  предизвикаа значителна материјална штета. Кај нас пак власта за ништо не е одговорна, најмалку за тоа што е неподготвена за справување со пожарите и наместо да се извини – направи список на сите пожари во соседството и порача: Ние подобро се справуваме!

„Пожарите не се појава само во Македонија, сушата и високите температури предизвикаа пожари во цел регион: Во Бугарија има над 240, Грција над 50, Турција над 80 активни пожари“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Без да прави разлика во големината на државите и местоположбата, од партијата уште споредуваат каква е штетата во регионот, а каква кај нас, иако изгоре 20 отсто територија.  

„И додека регионот брои жртви и повредени, раселени граѓани, испразнети цели села, значителни материјални штети, изгорени куќи и домови, благодарение на брзата и навремена интервенција на службите во Македонија нема жртви или значителна материјална штета како во другите земји. Држави како Грција и Бугарија, кои се членки на Европската Унија, се соочуваат со големи предизвици во справувањето со пожарите и за таа цел веќе го вклучија Механизмот за цивилна заштита и побараа меѓународна помош во борбата со пожарите.

Во земјите од регионот пожарите дојдоа и до населени мести кои зафатија и станбени објекти и куќи, при што од Грција, Турција, Албанија илјадници граѓани се евакуирани од своите домови.

Во Грција има над 50 активни пламени жаришта од кои пет се големи и широко распространети со кои се борат над 200 пожарникари, а пожарот кај Атина зафати и станбени квартови. Потврдени се седум жртви, десетици се повредени, евакуирани и раселени се жители на цели села. Гореа куќи, автомобили, маслинови насади, стада со говеда и цели фарми. Штетите кои се предизвикани се огромни, а изгореа илјадници хектари шумски површини.

Втора држава членка на ЕУ, која побарала меѓународна помош во борбата против огнената стихија е Бугарија, каде што се регистрирани над 240 активни пожари. Во пожарите во соседна држава причинета е голема материјална штета, изгореа станбени и помошни објекти, евакуирани се илјадници граѓани.

Повеќе од 2.619 лица се евакурани и ги напуштиле домовите во Турција поради пожарите. Голем пожарот го зафати градот Бурса кој стигна и зафати куќи. Во Турција животот го загубија десет лица пожарникари додека се бореле со огнените стихии, а 14 се повредени. Таму активни се 80 пожари.

Во соседна Албанија гори речиси на цела територија на државата, а од југот на државата евакуирани се над 2.000 лица, жители и туристи, испразнети се цели села, додека изгореа 21 куќи и црква, а опожарени се и хотели. Во последните 24 часа регистрирани биле 45 активни пожари, од кои 21 сеуште не се ставени под контрола. На терен интервенираат над 1300 оперативни сили од албанските служби, 65 пожарникарски возила, како и хеликоптери на албанските вооружени сили, а на помош и дошле и хеликоптери од Хрватска, Италија и Унгарија. Досега во Албанија изгореле над 450 хектари вегетација, маслинови насади и шумски површини.

Во Косово како активни се водат 12 пожари а најкритично е на југот, каде огнот им предизвика штета на локалните фармери.

Слична е ситуацијата и во Србија. Таму се активни над 100 пожари, особено во близина на Ниш, Врање, Крагуевац и други градови. Ангажирани се над 500 пожарникари со поддршка од хеликоптери. Во Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина огнот уништува куќи, имоти и земјоделски површини. Целиот Балкан е на силен удар на голема суша и на екстремно високи температура кои се придружени и со ветришта, кои го отежнуваат справувањето и ги зголемуваат ризиците од појава и ширење на пожарите.

За разлика од регионот кој што се соочува со сериозни материјални штети, изгорени куќи, згради, автомобили и загубени човечки животи, во Македонија борбата со пожарите е секојдневна, огнените стихии се ставаат под контрола и предизвикуваат само штети во изгорени шумски површини.Ангажирани се сите расположливи сили, пожарникари, припадници на Армијата, хеликоптери, теренски возила, доброволци, сите вложуваат натчовечки напори.

До вчера во попладневните часови, на територијата на државата се евидентирани вкупно 16 пожари на отворен простор, од кои осум се активни, шест се ставени под контрола и два се целосно изгаснати, порачуваат од владеечката партија која од силните милијарди што ги зеде и проекти што ги остварува не предвиде ниту еден за климатски промени и за справување со пожари, па и бара волонтери место да вработува пожарникари.   

Од СДСМ пак тврдат и денес дека ситуацијата со пожарите во земјава е алармантна: над 50 пожари се регистрирани за едно деноноќие, веќе со денови гори на планините и во шумите, пожари има во Берово, Прилеп, Катланово, Петровец, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Желино, Македонски Брод…, се наведува во соопштението од СДСМ.

„Над 20% од вкупната површина на шуми и пасишта се изгорени, претворени во пепел.Наместо брза, координирана и силна реакција, владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа катастрофлана неспособност во справување со пожарите. Се доцни со интервенцијата на терен, со што се дозволува пожарите да земат огромен замав, нема нова опрема, нема доволен број на пожарникари, нема доволно лица на теренот.

Иако власта ветуваше дека оваа година биле најспремни за пожарите и нема да дозволат да земат замав се покажа дека се било голема лага.Нема нови противпожарни возила, затоа што за ВМРО-ДПМНЕ приоритет беше купивањето службени мобилни телефони за дури 7 милиони евра. Колку противпожарни возила можеа да се купат со 7 милиони евра? Нема нови системи и авиони за гасење пожар затоа што власта се расфрлаше со парите на граѓаните за приватни летови, за скапа морска храна, папаја и манго. Нема вработување на нови пожарникари, нема зголемување на платите на пожарникарите затоа што за ВМРО-ДПМНЕ приоритет беа партиските списоци за вдомување на партиските членови.

Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги одбиваше сите предлози на СДСМ.Последно, во Собранието ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржа ниту амандманите на СДСМ со ребалансот да се обезбедат повеќе пари, 500 милиони денари за зголемувањето на бројот на пожарникарите, за зголемување на нивните плати, како и набавка на нова опрема. Страшно, жално и крајно неодговорно е однесувањето на Владата кон целата состојба со пожарите“, оценија од СДСМ. 

Затоа пак, претседателот на Кипар Никос Христодулидис официјално се за несоодветниот одговор на властите на катастрофалните пожари  кои одзедоа два живота, предизвикаа значителна материјална штета и уништија над 120 квадратни километри површина.

„Во критичен момент, владата не реагираше како што треба“, изјави Христодулидис во телевизиско обраќање.Тој нареди сите надлежни институции да подготват детални извештаи за нивните активности до крајот на неделата, кои ќе бидат јавно достапни и ќе служат како основа за донесување конкретни мерки за подобрување.

На средба со локалните лидери од погодените села, претседателот објави 12 итни мерки за поддршка на настраданите, вклучувајќи финансиска помош за итни потреби, привремено сместување, психолошка поддршка, субвенции за кирија за семејства чии домови се уништени, целосна финансиска помош за обнова на неосигурените домови, компензација за загубен приход на земјоделци и сточари за една година, како и еднократна помош до 10.000 евра за семејства со целосно уништени домови.

Христодулидис изрази сочувство до семејствата на загинатите и им оддаде признание на професионалците и волонтерите кои се бореа со пожарите. Тој нагласи дека е потребно подобрување на координацијата и ефикасноста на системот за справување со катастрофи, иако се вложени напори за модернизација, вклучително зголемен кадар, нова опрема и пренос на воздухоплови кон Националната гарда.

Според официјалните податоци, пожарот зафати 191 објект во 13 населени места во Лимасол, од кои 93 куќи се целосно уништени. Главната хипотеза за причината за пожарот е намерно палење на сува вегетација во селото Малја, а осомничените сè уште не се пронајдени.