Владиното мнозинство како „рогови во вреќа“


Предлогот на Беса излегува од тоа што е договорено со Рамковниот договор (Фото: Б. Грданоски)

Со два приговори на ДУИ за Желино, општина во која кандидатот на Беса го победи кандидатот на ДУИ со разлика од 69 гласа, партијата на Али Ахмети го разгоре незадоволството во БЕСА на Билал Касами, токму кога се договара новата влада, пишува „Дојче Веле“.

Откако ДИК синоќа прифати еден од двата приговори на ДУИ за Желино, кој се однесува на избирачкото место 2.107, поради несовпаѓање на бројот на гласачи кои биле идентификувани со уредите и бројот на гласачи кои се потпишале во избирачкиот список, како и поради тоа што едно лице гласало со истечена важност на личната карта, генералниот секретар Аројанит Хоџа се закани преку социјалните мрежи дека оваа одлука за Желино може да ја урне владата.

Во вториот круг од локалните избори во Желино победи кандидатот на Беса, Блејрим Сејди, со 5.171 гласови, односно со 69 гласа повеќе од кандидатот на ДУИ, Фатмир Изаири, кој доби 5.102 гласа. Но, ако се има предвид дека на избирачкото место 2.107 има вкупно 741 гласач, а од нив во вториот круг гласале 340 (излезност 45,88%), јасно е дека постои можност за пресврт во резултатите.

Уште пред да се знае дали по решението на ДИ, Беса ќе достави тужба до Управниот суд, од оваа партија стигна најава дека Беса ќе расправа дали ќе остане во Владата, при што Хоџа порача дека тој е за напуштање на мнозинството.

Сега се актуализира прашањето – дали Беса која победи на изборите во Тетово помогната со гласовите на Алијанса за Албанците и ВМРО-ДПМНЕ, ќе им се „оддолжи“ на овие поддржувачи само на локално ниво или ќе ги искористи апетитите на ДУИ кон Желино како повод и причина за да ги „почести” опозиционерите и со напуштање на владината коалиција. Откако  Касами премина од пратеничка на градоначалничка функција во Тетово, Беса во парламентот од 4 останува со 3 пратеници, а нивното евентуално заминување може да го урне мнозинството, ако не биде компензирано со иста или поголема бројка на пратеници кои би се приклучиле кон него.

Касами и досега не ја криеше самоувереноста во позицијата дека „од Беса зависи“ владиното мнозинство. Уште пред вториот изборен круг во тв-дебата со неговата противкандидатка од ДУИ, Теута Арифи, тој потенцираше дека без пратениците на неговата партија, сигурно паѓа Владата. Арифи му реплицираше дека Влада може да има и без Беса, бидејќи таа партија реално не тежи многу на „пазарот“. На ова тој уште еднаш одговори дека Беса може да ја сруши Владата, но дека тоа нема да се случи затоа што Владата е стабилна. И по изборите Касами повтори дека актуелната Влада треба да продолжи со работа.

„Очекувам актуелното владино мнозинство да се зголеми со пратеници од опозицијата. Мислам дека тоа ќе се случи. Имаме силна поддршка од Вашингтон“, рече Касами.

Извори од албанскиот блок сметаат дека и покрај „искрите“ кон ДУИ, Беса нема да го напушти мнозинството, имајќи предвид дека оваа партија на ланските парламентарни избори настапи токму во предизборна коалиција со СДСМ. Сегашните изјави за евентуална таква можност ги толкуваат повеќе како притисок и несогласување на Беса во новиот кабинет да останат некои министерски имиња од ДУИ. Ова и не е за изненадување, со оглед дека Касами пред два дена изјави дека е потребна реконструкција на Владата. Запрашан дали би гласал за актуелниот кабинет уште еднаш, со сите имиња кои сега се внатре, кусо изјави: „Би размислил два пати”.