Владините партнери ќе објават за еден месец како ќе настапат на локалните избори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање кога ќе се официјализира коалицијата со владините партнери ЗНАМ и со ВРЕДИ и како ќе настапат на локалните избори, одговори дека разговорите се конструктивни и оти очекува процесот да се финализира во втората половина на август.
„Што се однесува до настапот на локалните избори, разговорите се исклучително конструктивни, се движат во позитивна насока, очекувам по годишните одмори дека би имале официјално соопштение до јавноста. Очекувам Владата да биде на годишен одмор меѓу 5 и 15 август, така што анализите во тој период ќе траат, разговорите ќе траат и веднаш после 15 август или втората половина на август“, рече Мицкоски на прес-конференција со претставници на турската компанија „Казанџи Холдинг АС“.
Тој рече дека во меѓувреме ги завршиле разговорите внатре во коалиција „Твоја Македонија“, и дека очекува во однос на кандидатите за градоначалници да се поддржат меѓусебно со партнерите од владеачката коалиција.
„Јасно е дека владините партнери ќе имаат свои советнички листи, коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата ‘Вреди’ логично е во одредени општини, т.е. би рекол во сите општини да се поддржуваме едни со други во делот на градоначалниците, бидејќи сме владина коалиција“, потенцира Мицкоски.
Прашан да ја искоментира кандидатурата на Бујар Османи за градоначалник на Општина Чаир, премиерот одговори дека тоа е внатрешна работа на Демократската унија за интеграција и оти тука нема што да коментира.