Владата се пофали со историска инвестиција, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ќе има корупција

Владата започнува со реализација на историска инвестиција во изградба на современа патна инфраструктура во државата. Започнува изградба на 110 километри автопат на Коридорот 8 и Коридорот 10Д, како еден од најголемите инфраструктурни проекти во државата, во вредност од 1,3 милијарди евра, соопштија од СДСМ.
-Овој проект опфаќа изградба на делницата Тетово- Гостивар во должина од над 17 километри, Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, Требениште – Струга – Ќафасан од 22 километри, како и автопатот Прилеп – Битола во должина од речиси 40 километри.
Изградбата на автопатските делници придонесува за регионално поврзување на нашата земја, која станува уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута, раскрсница на Балканот, со излез на три пристаништа.Квалитетните патишта го олеснуваат животот, ги зближуваат граѓаните и поволно влијаат врз развојот на сообраќајот, трговијата, еконoмијата, стои во соопштението.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пск го повика Јавното обвинителство да отвори случај за можна корупција иако проектот не е почнат да се реализира.
-Артан Груби и Владата го компромитираат целиот процес со надзорот на изградбата на Коридорите 8 и 10д. ИРД Инжинеринг, која треба да го врши надзорот, преговарала и со изведувачот и го составила договорот, кој владата го потпиша.Конзорциумот воден од ИРД е во состав на фирми со сомнителна позадина. Фирмата ЕПТИСА, која е дел од истиот е фирма која веќе имала забрана од страна на владата за учество на големи проекти од над 1 милион евра, за потоа магично да се смени и Министерството за транспорт да и даде лиценца за надзор.
Електра Солишн, исто така дел од конзорциумот е фирма на синот на Сотир Ампов, кој преку Институт за патишта Велес беше дел од Конзорциумот ИГХ кој првично го добил тендерот, а е поништен поради сомнежи за руско потекло на нивниот капитал. Сега фирмата на синот на Ампов, кој бил вмешан во руска шема е дел од новиот конзорциум за надзор.
Евро Консалтинг, фирма на Бранимир Димитријевиќ, кој во Ерменија е гонет за коруптивни скандали е исто така дел од Конзорциумот на ИРД.Сомнежите за нерегуларности го следат целиот процес, од почетокот, па се до промената на условите за учество на јавниот повик, кои кога се гледаат објективно индицираат дека одат во корист на Конзорциумот на ИРД., тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.