Владата одржа тематска седница за годишнината од Охридскиот договор


Охридски рамковен договор, кој во својата суштина ги има дијалогот, разбирањето и создавањето на пријателска атмосфера како темелни вредности за решавање конфликти и недоразбирања беше насока и за Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, рече премиерот Зоран Заев на тематската седница на Владата посветена на 20-годишнината од Охридскиот договор. „На вредностите на тие договори Северна Македонија направи пресвртница во изградбата на држава според европски стандарди“.

Според Заев, еден од приоритетите на новата влада формирана во 2017 година било заокружувањето на нормативниот дел којшто произлегуваше од Охридскиот договор  и од Амандманот 5 од Уставот. „Тогашната Влада, во која министри беа и поголем дел од овој, актуелен состав на извршната власт, ја исполни обврската која непотребно се одолговлекуваше од сите претходни влади, и го донесе Законот за употребата на јазиците“, нагласи Заев.

Премиерот рече дека Охридскиот рамковен договорот донесе нов дух на водење политики. Политики кои градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја во заеднички евроатлански дом заедно со другите народи.

„Со Охридскиот рамковен договор нашата држава е постабилна и побезбедна, со загарантирана меѓуетничка толеранција и посилна социјална кохезија. Заедно се развиваме како држава во која шансите за благосостојба се еднакви за сите, како членка на НАТО и идна членка на ЕУ“, рече Заев.

Зборувајќи по него, првиот вицепремиер, Артан Груби, рече дека мотото на прозлавбата е „По Охрид“. Вечерва ќе има изложба на дела на уметници од сите заедници во Мала станица, ќе има театарска претстава, документарен филм…