Владата одобрила шест нови амбасадори
Владата одобрила шест кандидати за амбасадори, но имиња официјално не се откриваат.
-Не можам да кажам имиња. Тоа што можам да кажам е дека е вистина дека шест кандидати за амбасадори се одобрени од страна на Владата на последниот состанок. Ќе чекаме одобрување од земјите, а потоа ќе можеме да ги коментираме нивните имиња, рече денес шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Неофицијално во медиумите веќе беше објавено дека поранешната градоначалничка на Тетово Теута Арифи треба да биде нов амбасадор во ЕУ, а директорот на АНБ, Виктор Димовски во Париз. Што се однесува до Вашингтон, каде подолго време нема амбасадор, на дипломатска мисија ќе замине Зоран Попов, кој, како што пишувавме, е дипломат од кариера кој моментално е државен секретар во МНР.
Покрај нив, во напредна фаза е постапката за избор на уште неколку амбасадори, меѓу кои има двајца поранешни лидери на ЛДП. Еден од нив е претходниот лидер на либералдемократите и поранешен градоначалник на Центар Андреј Жерновски, кој треба да стане амбасадор во Белград. Инаку, Жерновски на лидерското место во ЛДП во наследи Јован Манасиевски, кој треба да биде нов македонски амбасадор во Анкара.