Владата ќе троши повеќе, предлага зголемување на Буџетот за 56,9 милиони евра

Според владиниот предлог, се зголемуваат буџетските приходи, кои ќе изнесуваат 362,4 милијарди денари, но и расходите кои ќе достигнат 403,7 милијарди денари


Фото: Б. Грданоски

Поголеми приходи, но и расходи во Буџетот за 2025 година, предлага Владата која на денешната седница го усвои предлогот на Министерството за финансии за измени и дополнувања на државата каса за годинава. Според владиниот предлог, се зголемуваат буџетските приходи, кои ќе изнесуваат 362,4 милијарди денари, но и расходите кои ќе достигнат 403,7 милијарди денари, односно за по околу 3,5 милијарди денари повеќе, со што за околу 56,9 милиони евра ќе се зголемат трошењата на и онака рекордниот Буџет, кој што беше донесен во декември лани. Буџетскиот дефицит останува на исто ниво, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Исто така, Владата ја задржа прогнозата за економски раст годинава од 3,7 отсто, како и инфлација од 2,8 проценти.

Како што образложи денес Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на прес конференција во Владата, Предлог-ребалансот на Буџетот за 2025 година ги следи основните приоритети на фискалната политика, а тоа е продолжување на фискалната консолидација, обезбедување макроекономска стабилност и поттикнување развој.

Таа елаборираше дека вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари  (5,9 милијарди евра) или за околу еден процент повеќе во однос н Буџетот, односно за околу 3,5 милијарди денари (56,9 милиони евра).

„Растот на планираните средства е резултат на зголемени неданочни приходи, административни такси, концесии, добивка од Народната банка и други неданочни приходи,  како и проширување на самофинансирачките активности на институциите што ќе овозможи тековносто работење и програмските приоритети наместо со целосно финансирање од буџетски средства да ги финансиираат со користење средства од сопствените приходи, односно сметки“, рече Димитриеска Кочоска.

Таа додаде дека даночните приходи остануваат непроменети, како и дека тоа е резултат на остварените приходи, подобрената методологија која што се користи за проектирање и која придонесува за помали отстапки помеѓу проекциите и остварувањата на тие проекции.

Вкупните расходи, од друга страна, се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари (6,56 милијарди евра) и исто така бележат раст од околу еден процент, односно за околу 3,5 милијарди денари 56,9 милиони евра), како и на приходната страна при што, како што нагласи, се должи пред се на развојната компонента.

„Со предложените измени или ребаланс вршиме реалокација на средства помеѓу буџетските корисници, дообезбедуваме средства за непречена исплата на плати, пред сѐ во Министерството за внатрешни работи, каде обезбедивме раст на платите на вработените од десет проценти“, рече Димитриеска Кочоска.

Исто така, обезбедни се дополнителни  средства за исплата на зголемените пензии, транзициски трошоци и обезбедување дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска вели дека буџетскиот дефицит останува непроменет

„Капиталните расходи се планирани во износ од 47,5 милијарди денари, а измените се во насока на додавање на средства за динамизирање на реализацијата на проектите кај кои што е веќе потврдена добра реализација пред се во Министерството за одбрана“, рече министерката.

Таа посочи дека продолжува и финансиската поддршка и соработка на Владата со општините за кои претходно со донесената прераспределба беа обезбедени дополнителни 600 милиони денари.

„Инвестициите остануваат приоритет на Владата и тоа го следи овој Предлог ребеланс на Буџетот, а целта е да ја поттикнеме економската активност и да го оствариме проектираниот раст“, рече таа, посочувајќи дека со ребалансот не се ревидира стапката на раст, односно таа останува на 3,7 проценти, како што беше проектирана и со Буџетот за 2025.

Димитриеска Кочоска рече дека остварувањето во првиот квартал и регистрираниот раст на БДП од 3 проценти, односно 3,2 проценти прилагоден согласно сезонските и календарските податоци, е јасен сигнал дека проекцијата е остварлива и реална.

„Очекуваме таквиот ртренд да продолжи и во наредниот период, поддржан пред сѐ од домашната потрошувачка, зголемените инвестици во инфраструктура и енергетика, финансиската поддршка на инвестициската активност на домашните производни компании, но и мерките за зголемување на расположливиот доход на домаќинствата, а имајќи го во предвид неизвесното опкружување и послабата побарувачка на нашите главни трговски партнери“, рече Димитриеска Кочоска.

Инфлацијата која што на почетокот на годината регистрираше нагорен тренд, се очекува натаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти.

Димитриеска Кочоска рече дека проекцијата на инфлацијата се темели на очекувањата за доследна примена на законските прописи, пред се на Законот за спречување нефер трговски практики кои треба да спречат неоправдано зголемување на цените, особено кај основните прехранбени производи.

Таа нагласи дека измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година кои се усвоени од Владата се потврда на фискалната политика и напорите за фискална консолидација и домаќинско управување со јавните средства, односно парите на даночните обврзници.

„Фискална политика со која обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба, односно буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП“, рече министерката за финансии.

Таа додаде дека економската активност добива на динамика и забрзува, какои дека таквиот тренд ќе се задржи во наредниот период со политиките кои се планирани со ребалансот.

„Дисциплинираниот пристап со управувањето со јавните финансиии ќе продолжи, буџетскиот дефицит е понизок од остварениот минатата година кој што беше 4,4 проценти од БДП, а внимателен и сериозен пристап применуваме и во управување со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милиони евра во првиот квартал годинава“, рече Димитриеска Кочоска, нагласувајќи дека сериозно се фокусирани да продолжат таквите трендови и на среден рок да имаме макроекономска стабилност која ќе обезбеди среднорочна проекција на БДП од над 4,5 проценти и повисок животен стандард.

„Тоа е нашиот концепт, нашата визија за подобро утре и подобра иднина за сите“, рече на прес конференцијата министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. (М.Ј.)