Владата ќе обезбедува по три шлепери вода за Гостивар
За населението во Гостивар каде што е прогласена епидемија денеска ќе бидат обезбедени три шлепери со 76 илјади литри вода, во наредните денови количината ќе се зголемува зависно од потребите, а ако треба ќе бидат вклучени и цистерни со вода, информира денеска на прес-конференција Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, кој ги презентраше и локациите каде ќе се дистрибуира водата.
Томовски уверува дека од првиот момент кога е пријавена состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, Владата е во постојана и директна координација со сите надлежни институции и оти внимателно го следи развојот на настаните во секој момент.
– Покрај институционалната одговорност, постапките на надлежните органи, спроведување на сите неопходни контроли и лабораториски анализи, Владата интервентно одлучи за обезбедување на 50 литри питка вода за пиење којашто ќе биде доставена секој ден на граѓаните во Гостивар. Оваа мерка започнува од денес и ќе продолжи во наредните неколку денови со цел да се обезбедат основните потреби на населението, додека траат мерките и препораките на институциите – најави Томовски.
Апелира до сите граѓани да ги почитуваат препораките издадени од надлежните институции. Информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали, Владата, Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и институциите коишто се занимаваат со оваа проблематика. На тој начин, укажа директорот на СОЗР, ќе се обезбедат навремени и точни информации.
На новинарско прашање дали најавените количини се доволни посочи дека ќе се зголемуваат зависно од потребите.
– Зависно од тоа колку ќе има потреба во текот на деновите ако има потреба ќе се зголемува количината. Конкретно, во текот на денот ќе бидат доставени три шлепери со вода, понеделнички ќе има 76 тони вода, односно 76 илјади литри. Не се исклучува можност доколку има потреба да се вклучат цистерни, населението да не се грижи. Се што е потребно ќе обезбедиме како Влада за непречено функционирање, рече Томовски.