Владата ќе го разрешува државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски

Владата на Мицкоски била разочарана по падот за 12 места на Индексот за корупција во последниот извештај на „Транспаренси интереншенел“


Фото: Б. Грданоски

 

Владата донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. 

Одлуката, попладнево на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.

„Разочараноста на Владата од постапувањето надвор од законските надлежности, разочараноста на граѓаните од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување со ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава“, рече Митева.

Како причини за ваквата одлука е последниот Индекс за корупцијата на „Транспаренси интеренешенел“ според кој Македонија падна за 12 места подолу на скалата во однос на 2023. Како причина се наведува и последното именување за вршител на должноста шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, кое, според Владата е незаконско.

Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година.