Владата ќе дискутира за загаденоста на воздухот во Скопје


Фото: Б.Грданоски

Владата на една од наредните седници ќе дискутира за решавањето на проблемот со загаденоста во Скопје, најави министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој вели дека овој проблем не е вчерашен.

Според Перински  токму ова е еден од проектите со кој се трудат да ја подобрат сликата во делот на подобрување на капацитетите на почиста и поздрава животна средина, одговарајќи на прашањето да го коментира извештајот кој покажува дека загадениот воздух е причина за смртност на бебиња.

– Свесни сме сите, и ние како Влада, и како градоначалници во делот на локалните самоуправи дека проблемот со загадениот воздух не е од вчера, туку континуирано трае низ годините наназад и дека навистина треба по ова прашање да направиме некаков исчекор во периодот што ќе следи, рече Перински кој денеска присуствуваше на промоцијата на машините за рециклирање и торбите за домашна селекција како дел од проектот финансиран од Европската Унија „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“.

За решавањето на проблемот со загаденоста во Скопје одговори дека е тема на која ќе се дискутира на следните седници на Влада.

– Би требало да се дискутира како една тема на следните седници на Влада, но ве молам имајте во предвид дека тоа не е во мој ресор. Јас не бегам од одговорност или од можност да придонесам доколку можам согласно моите законски ингеренции. Се надевам дека на една од следните седници на Влада ќе се отвори ова прашање и ќе се разговара во пресрет на зимата која што ни претстои, рече министерот Перински.