Владата ќе даде пари да се „крпат“ неисправни автобуси, за БТР системот и за долгот ќе се почека


Да се изгласа програмата за вработување 120 сезонски работници за ЈП „Комунална хигиена“ за да може да со собира подобро сметот, да се изгласа програмата за набавка на нови автобуси, да се врати долгот од 8 милиони евра за бесплатниот превоз за студентите што испадна дека го плаќа ЈСП а не тие што го утврдија и да се даде „амин“ на БТР системот nа Петре Шилегов за нов начин за организирање на градскиот превоз – се трите клучни барања со кои излегла градоначалничката Данела Арсовска. Од ВМРО-ДПМНе најавиле дека ќе почнат да ги гласаат програмите со одредени задршки што ги кажа претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески.

Славески соопшти дека на координацијата  на оветничките групи на Град Скопје со Арсовска бил и тим од директори на три јавни претпријатија – на ЈСП Скопје, на ЈП „Паркови и зеленило“ и на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје. Хендикеп било тоа што на двете јавни препријатија „Комунална хигиена“  и „Паркови и зеленило“ директорите се нови.

,,Кога се работи на јавниот превоз во Скопје, факт е дека на краток рок не може да се изврши набавка на нови автобуси кои би го зголемиле возниот парк на град Скопје, но исто така е факт дека добар дел од возниот парк на ЈСП Скопје е нефункционален. Владата е подготвена дел од средставата што стојат неискористени, а се наменети за инфраструктурен проект во Град Скопје, да ги префрли на ЈСП Скопје за рехабилитација на одреден број на автобуси кои што не се во функција. Според директорот дури 30 автобуси би можеле да бидат рехабилитирани”, рече Славески.Славески се надева дека ќе дојде до зголемување на бројот на автобусите за први септември и за први октомври за да може јавниот превоз да функционира.

Тој потвтрди исто така дека ќе се изгласа барањето за вработување 120  сезонски работници кои би биле ангажирани за собирање на смет околу контејнерите, иако генерално оцени дека и со овој капацитет и луѓе ЈП „Комунална хигиена“ може да одговори на задачите.

За осумте милиони долг на Владата Славевски рече дека е нереално да се очекува да ги врати сите пари одеднаш појаснувајќи дека се работи за бесплатниот студентски превоз за што четири години не се уплатувале сретства. 

-Буџетот нема 8 милиони евра да го подмири долгот направен изминатите години“, беше дециден Славески.

Околу проектот БРТ тој рече дека не очекува за краток рок да се одобри овој проект бидејќи многу експерти имале забелешки. Според него, единствена блокирана програма била таа за дополнителните вработувања во „Комунална хигиена“, иако нафрли дека треба да се изгласаат и други програми. 

Генерално Славески го поздрави фактот дека по отсуствата, Арсовска дошла на кооринативниот состанок.

Мартин Стојановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ потврди дека ќе ги изгласаат сите предлози на градоначалничката Арсовска на 29 август, но подоцна негираше дека ќе дадат амин и за одлуката за купување нови автобуси, бидејќи не можеле да гласаат без да добијат подетални информации, колку би чинеле и слично бидејќи не сакаат лесно да трошат народни пари. 

Тој нагласи дека во „Комунална хигиена“ се вработени над 1.080 луѓе од кои над 740 се теренски работници, па им фалила информација колку од нив се шефови. „Зар тие 120 сега ќе ја решат ситуацијата“ – рече тој. 

Генерално тој се чудеше зошто досега не биле сервисирани 30 автобуси кои сега ги понудиле како решение, со заклучок дека се надева изгласувањето на програмите да ги реши проблемите но не беше уверен дека, доколку не се смени пристапот на работа во Град Скопје, ништо нема да се смени. Но, повторно потврди дека ќе гласаат. 

Васко Шутаров од СДСМ инсистираше дека за да се реши проблемот со градскиот превоз мора да се донесе одлука за БРТ системот зад кој стои потпис на Владата и банкарска гаранција.

„Мило ми е што советниците на ВМРО-ДПМНЕ се одважија да гласаат“, нагласи тој, но забележа дека отсега програмите треба да се гласаат заедно со носењето на буџетот како што била претходно практика.

За решението за ЈСП тој рече дека нема да го реши проблемот на скопјани, нагласувајќи дека само за носење на предлог одлуката за нова набавка треба процес од една до две години, и реално нив ќе ги купува идната градска администрација. Тоа значи дека скопјани уште две години ќе поминуваат низ тормозења кога користат автобуси и дека и натаму ќе ги нема доволно. Сумирано кажано ѓубрето може ќе го соберат, ама животот во Скопје нема да им се подобри посетриозно бидејќи многу време е изгубено.(Н.В.)