Владата ја утврди содржината на учебниците за основно и средно образование
На денешната седница се донесе Решение за одобрување на план за ремедијација на локацијата во АД „ОХИС“- Скопје и со заклучок на Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање е задолжено да донесе Решение за одобрување на планот за конечна деконтаминација на линданот во кругот на АД „ОХИС“-Скопје.
Ова решение на Министерството за животна средина и просторно планирање следува откако UNIDO, односно Агенцијата за индустриски развој на ОН го информираше Министерството дека планот доставен од грчката компанија специјализирана за овој тип активности „Polyeco“ е одобрен за спроведување на постапката за деконтаминација на почвата во АД „ОХИС“- Скопје.
Владата на оваа седница ја донесе Одлуката за начинот на користење на средства за репрезентација во министерствата и другите органи на државната управа со која се утврдува начинот на користење на средства за репрезентација во министерствата, другите органи на државната управа и правните лица основани од Владата. Одлуката претставува акт кој содржи унифицирани правила за сите институции основани од Владата за начинот на користење на средствата за репрезентација, што до сега не било пракса и секоја институција со интерен акт на свој начин го уредувале начинот и постапката за користење на средствата за репрезентација.
Во одлуката е предвидено дека во случај на непочитување на одредбите на оваа одлука против раководителите опфатени со неа може да се применуваат една од утврдените мерки во член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.
Владата денеска го прифати предлогот на Комисија за именување за членови на Надзорниот одбор на АД „Медиумска информативна агенција” да бидат избрани Александра Мицоска-Митевска, Лилјана Капевска, Мери Илиќ, Ардиан Исеини и Татјана Поповска и донесе заклучок да му препорача на Надзорниот одбор на АД „Медиумска информативна агенција”, да ги реизбере Драган Антоновски за претседател на Управниот одбор и за генерален директор и Хаљит Ајдини за член на Управниот одбор и за заменик на генералниот директор.