Владата го раскина договорот за концесија за експлоатација на варовник во Страчинци


Фото: Б. Грданоски

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити попладнево на прес-конференција информира дека Владата еднострано го раскинала договорот за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот Лавинчеви во атарот на селото Страчинци во Општина Гази Баба, склучен со „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје.

Меџити соопшти дека одлуката е донесена поради сериозни пропусти.

-Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски. Исто така концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три години, рече тој.

Меџити соопшти дека вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврдил дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите. Со оваа одлука, како што потенцира тој, престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки.

-Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање нема да толерираат несовесно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме одговорно и одржливо управување со нив, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе бидат на прво место, рече вицепремиерот  и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.