(Видео) Владата го прифати предлогот за карантин од утре до понеделник


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче соопшти вечерва дека Владата го прифатила предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање на ригорозниот полициски час во одредени градови и региони во земјата. Според анализите на Комисијата, на  неколку локации во земјата има брзо ширење на вирусот поради грубо непочитување на мерките, и тоа во Скопје, во Куманово, Тетово, Штип, Липково, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Според него групирањето на семејни собири, неносењето маски и непочитувањето мерки за транспорт во компании се главни причини за растот на новозаболени во овие региони.

Предлогот на Комисијата беше да биде воведен полициски час во Скопје, Штип, Куманово со Липково и Тетово од утре во 21 часот до понеделник наутро во 5 часот.

Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре  во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Се забранува исто така посета на гробиштата освен за погреби.

-И по одржани сто прес конференции и илјадници апели, еден дел од граѓаните не сакаат да ја прифатат реалноста. Дури кога ќе се разболиме сфаќаме колку вирусот е опасен. Само заедно можеме да ја надминеме кризата и никако поинаку. Сите мерки досега беа одлични и стратегијата даде резултат, а доказ се општините што се сосема стабилни, како Дебар каде што нема ни еден случај. Се што се користеше како стратегија во светот го направивме. За жал не можеме да го контролираме однесувањето на луѓето. Не смееме да дозволиме да се оптовари здравствениот систем, ја образложи одлуката Филипче.

Како што соопшти подоцна Владата, отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.

Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.

Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.