Владата го постави теренот за одржување на изборите


Фото: Б. Грданоски

Изгледа сосем извесно дека одржувањето на вонредните избори се приближува откако Владата на денешната седница донесе измени во Уредбата со која беше замрзнат изборниот процес. Со неколкуте задолжувања до Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија, Заводот за статистика и Министерството за здравство Владата го постави теренот за одржување на изборите 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Одлуката на Владата не била едногласна, против неа гласал министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, се наведува во соопштението.

Што содржат овие измени во Уредбата?

Прво, МВР се задолжува во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. Исто така, МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба.

Второ, Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Трето, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

Четврто, Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година

Петто, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Шесто, Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.