Владата ги скрати субвенциите за тутунот и предизвика гнев кај тутунарите

Субвенциите за прва класа тутун се намалени за 20 отсто и сега од 100 изнесуваат 80 денари


Министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, во обиколка на откупни пунктови во Прилеп

 

БИТОЛА – Голем револт предизвика кај тутунарите новата одлука на Владата субвенциите за тутунот од последната реколта да бидат скусени за прва класа од 100 на 80 денари по килограм. Ако се зане дека најголем дел од предадениот тутун се цени во прва класа, значи загубата кај тутунарите е значителна.

Владата ја донесе програмата за директни плаќања: субвенции за тутун – 80 денари прва класа, 70 втора и 60 денари за трета класа.

Програмата и Уредбата се објавени во „Службен весник“ бр.27, во текот на вчерашниот ден.

Станува збор за директни плаќања за договорен и предаден ориентален ароматичен, необработен тутун од реколта 2025 година.

„Корисници на оваа подмерка се земјоделски стопанства кои своето производство на тутун од реколта 2025 година го договориле и продале во регистрирано откупно претпријатие согласно Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи  запишани во Единствен регистар на земјоделски стопанства и висината на директните плаќања изнесува 80 денари по килограм за I-I класа, 70 денари по килограм за I-II класа, 60 денари по килограм за I-III класа, II-I класа од ориенталните дополнителни тутуни, од типовите Прилеп и Јака“, стои во информацијата објавена во „Службен весник“.

Лани власта објави дека се исплатени рекордни 40 милиони евра субвенции кон тутунарите за реколта од 24.000 тони тутун.

Исплатени беа 14.502 производители на тутун и може слободно да се каже дека тутунарите како производители се најбројни од другите земјоделски гранки.

Министерот за земјоделие Цветан Трипуновски вчера и денес нема јавна реакција за намалувањето на субвенцијата за прва класа. За споредба, лани кажа дека „ова е една рекордна исплата на субвенции во однос на произведен килограм тутун. Оваа исплата и оваа откупна сезона покажа дека ќе работиме да го вреднуваме трудот на македонскиот земјоделец, дека субвенциите ќе се исплаќаат редовно и Владата ќе продолжи да го поддржува овој сектор бидејќи е еден од битните сектори во нашата држава. Ова е показател дека сакаме оваа земјоделска гранка да остане и да се проширува. Се надевам дека ова е доволен стимул за тутунопроизводителите“, изјави Трипуновски.

Една година подоцна тутунарите се револтирани и разочарани.

„Тутунарите треба да научат дека 60 е поголемо од 100. До кога ќе молчи земјоделецот?“, коментира Љубе Кузманоски.

Благојче Нуневски пресметува –„400 килограм плус 70 сувенција е 470, лани беше 500 денари по килограм. По која равенка годинава е најскапо платен тутунот?“

Винета Паскоска коментира: „Како не ви е срам да се појавите пред мачниот народ со такви мизерни изјави за намалување на субвенциите за тутунот, зар сте слепи, не гледате дека сѐ поскапува, а вие безгрижни суштества само за арамилак мислите, а не за доброто на народот. Првин да си ги намалите платите да видите како се живее на оваа скапотија, па после да носите вакви одлуки за намалување на субвенциите.“

Од Националната земјоделска мрежа искажаа јавен револт за кратењето на субвенциите за земјоделците, посочувајќи дека се сведоци на крајно игнорантски и не одговорен однос од страна на надлежните кон еден од клучните сектори во државата.

„Со вчерашната одлука на Владата со која се кратат и онака скромните средства за поддршка и развој на земјоделието со вкупен буџет од претходните 140 милиони евра на 100 милиони евра како поддршка на македонскиот аграр, кој е клучен сектор за производство на здрава храна, а истовремено се обезбедува економска одржливост на голем број на семејства, се нанесува катастрофален удар врз опстанокот на овој сектор“, реагира НЗМ и споредува:

„Во услови кога од извозна држава на земјоделски производи се доведовме во увозно зависна држава од над 90 отсто со поразителни бројки од преку една милијарда евра, средства потрошени за увоз на храна и основни продукти за исхрана на населението, вакви погрешни политики погубно ќе се одразат врз земјоделието, но и стандардот на сите граѓани“.

Сега е рано за исплата на субвенциите за тутунарите, но по донесувањето на Програмата за директните плаќања на вчерашната владина седница веќе од денес се отпочнува со процесот за исплата на субвенциите кон земјоделците.

Според денешната изјава на директорката на Платежната агенција, Даниела Иротова-Лазарева, први ќе бидат исплатени лозарите и овоштарите.

Таа вели дека Програмата за директните плаќања и Уредбата по истите се објавени во „Службен весник“. И останатите програми се донесени, но сѐ уште не се објавени во „Службен весник“.

За лозарите налозите се однесени во Трезорот сега, а за овоштарите ќе се достават до крајот на денот. Динамиката на исплата ќе ја дефинира Министерство за финансии, вели Иротова.

“Опфатени се 21.528 баратели, а ќе се исплатат околу 800.000.000 денари има уште 1.500 баратели лозари кои биле предмет на контрола кои покрај лозови насади пријавуваат и други култури. Тие се обработуваат во насока да се проверат дали има и колкава е разликата од контрола во моментот и до вторник и тие ќе ги доставиме во трезорот“, изјави Даниела Иротова–Лазарева в.д. директор на Платежната агенција.