Владата ги десеткувала парите за културни проекти, извиси мултифункционалниот центар во Аеродром во кој се сликаа
Со потпис на премиерот Христијан Мицкоски, владата на 30 декември донела одлука да се намалат парите за проекти од областа на културата за единиците на локална самоуправа. Од планираните 135,5 милиони за тринаесет проекти, државата ги крати парите на 14,8 милиони денари.
Од планираните проекти, пари останаа само за реконструкцијата на културниот дом „Ацо Караманов“ во Радовиш – 7,2 од предвидените 8,3 милиони денари, за изградбата на нов културен дом во Петровец – 5,9 од предвидените 6,2 милиони денари и за основниот проект за изградба на културен дом во Чучер Сандево – 1,7 милиони од предвидените 6,8 милиони денари.
Извиси најавуваниот мултикултурен центар во Аеродром – за него има нула од предвидените 21,5 милиони денари, а нема пари ниту за конзервација и реставрација на калдрмата во Старата Скопска Чаршија, терариум и живеалиште на копитари во битолската Зоолошка градина, ИСАР-от во Штип, реконструкција од Стоковна куќа Радовиш во културен центар и седум други проекти.
Паднала и одлука, наместо пари да бидат распределени од буџетите за 2026 и 2027 година, да се пролонгира за уште една година, односно 2026, 2027 и 2028 година. Првичната распределба на средствата е донесена во јули годинава, кога со седницата претседавал вицепремиерот Љупчо Димовски.