Владата е 100 отсто транспарентна според Центарот за граѓански комуникации
Индексот за активна транспарентност ги рангира сите институции во државата на локално и на централно ниво од 2016 година. Владата од 25% транспарентност во 2016 година, денес, согласно рангирањето има целосна, односно 100% транспарентност заедно со Министерството за одбрана, кое пак од 45-то место со 47,6% на почетокот на мерењата, последните две години достигна прво место со максимален процент.
Според годишното рангирање, просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2022 година изнесува 73% и во однос на минатата година, кога изнесувала 63%, е подобрена за десет процентни поени. Својата активна транспарентност годинава ја подобриле дури 81% од институциите. Активната транспарентност на министерствата и на Владата изнесува 85%, а на општините 70%. За разлика од лани, министерствата се подобриле за шест процентни поени, а општините за десет.
-Владата продолжува посветено да работи на сочувување на транспарентноста и редовно и навремено да ги објавува информациите од јавен карактер што е и еден од нашите врвни приоритети. Активната транспарентност е најдобра превенција од корупција, порачаа од оваа институција.