Владата донесе одлука за приклучување кон Иницијативата на Бил Гејтс
Нашата држава ќе се приклучи кон Иницијативата на Бил Гејтс за перформанси на примарна здравствена заштита која ќе овозможи вмрежување и пристап до меѓународна експертиза во здравствената заштита.
Оваа одлука денеска ја донела Владата на 136-та седница, а како што соопшти владината прес-служба, вклучувањето во ова тело овозможува пристап до меѓународна експертиза, вмрежување и зајакнување на капацитетите, но исто така носи и обврски за посветеност кон комплетирање на профилот и заедничка проценка на функционалните капацитети на примарната здравствена заштита.
-Иницијативата е основана во 2015 година, од Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Светската здравствена организација и Групацијата на Светска банка и работи на унапредување на примарна здравствена заштита. Нејзината цел е да ги поддржи земјите во нивните напори за постигнување универзална здравствена покриеност преку развој на алатки за мерење на перформансите и стратегии за подобрување на системот на примарна здравствена заштита. Северна Македонија станува дел од ова тело, на покана токму на Иницијативата за перформанси на примарна здравствена заштита, појаснуваат од Владата.