Владата доби портпароли – Марија Митева и Венера Латифи-Азизи
Владата конечно доби портпароли. Тоа се сегашната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, и поранешната новинарка Венера Латифи Азизи, соопшти Владата.
Митева преходно била советник за правни работи во Владата, како и советник за нормативни работи во Град Скопје. Таа беше портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во изминативе години, а на изборите во мај годинава стана и пратеник. Со оваа нова функција Митева ќе треба да се откаже од пратеничкото место.
Латифи Азизи има долгогодишно новинарско искуство. Таа e поранешнa уредничкa и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага, уредничка во новинската агенција МИА, уредничка и водителка во телевизијата Алсат М телевизија, уредничка во весникот „Коха“,А1 телевизија и други медиуми во земјава.
Моментално е вработена во кабинетот на градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кој е член на Демократското движење што произлезе од ДУИ. Таа е задолжена за односи со јавноста.
Наум Стоилковски, донеодамнешен портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, е именуван за советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли. Стоилковски е поранешен новинар во пишани медиуми, радио и телевизија.