Владата бара писмено објаснување од СОНК врз основа на кој правен акт е прекината наставата


Владата ја разгледа и усвои информацијата за состојбите во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените, а согласно одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК). Притоа, Владата ги задолжи министерствата за образование и наука,  за труд и социјална политика и за финансии со ребалансот на Буџетот да предвидат средства за покачување на платите во основното, средното образование и детската заштита во висина од 10 отсто.

Владата формираше работна група во која се вклучени министрите Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими,  Јетон Шакири, Јована Тренчевска и  Адмирим Алити, за да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор.

Владата воедно ги задолжи министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика да ги преземат сите чекори за одржување настава во основното и средното образование и за згрижувањето на децата во градинките согласно уставно загарантираното право за образование и за предучилишна грижа на децата и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк. Таа исто така ги задолжи да обезбедат исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк, а наедно двете министерства да достават информација за одговорот на СОНК во врска со овие заклучоци и да побараат писмено известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта и врз основа на кој законски акт персоналот на предучилишните установи одбиваат да ги примат децата.

Владата ги повикува раководителите на образовните институции, наставниците и воспитувачите во предшколските установи да продолжат со наставата, учениците да се вратат во училиштата, а родителите да продолжат да ги носат децата во градинките.