Владата ѝ одговори на Бугарија: „Немаме ништо со анализата на ИФИМЕС“


Фото: Б. Грданоски

Владата ја оцени како несоодветна постапката да иде повикан на разговор вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија Владимир Крстевски во бугарското МНР за ставови изразени oд трета страна

 

Македонската Влада вечерва ѝ одговори на официјална Софија изјавувајќи дека ја „оценува како несоодветна постапката да биде повикан на разговор вршителот на должноста амбасадор на нашата земја во Софија Владимир Крстевски во бугарското Министерство за надворешни работи за ставови изразени oд трета страна, во анализа која никако не е поврзана со Владата, а е изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана“.

Владата потврдува дека ИФИМЕС бил ангажиран како реномиран институт за советодавни услуги врз основа на анализите за политиките за превентивната дипломатија и градење мерки на довербана регионално и глобално ниво, но дека договорот со него завршил во 2019 година. „Веќе две години овој институт нема никаков ангажман поврзан со работата на Владата, ниту било каков правно обврзувачки обврски со Владата и со Канцеларијата на претседателот на Владата. ИФИМЕС и пред 2019 година никогаш не бил ангажиран за анализи поврзани со односите меѓу Северна Македонија и Бугарија“.

Оттаму велат дека Македонија и понатаму останува посветена и отворена за интензивни разговори и за пријателски дијалог за што побргу да дојдеме до решенија кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Скопје и Софија „и низ заедничките основи да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ. Очекуваме и иницираме пријателските манири и односи да се интензивираат од двете страни  за да можеме час поскоро со Бугарија да кажеме дека ‘најдовме решение во кое нема поразени’ и што поскоро заедно да се справуваме со предизвиците кои ги носи новото време“.

Властите во Софија се лути по објавениот извештај на ИФИМЕС и Министерството за надворешни работи на Бугарија го повика дипломатот Крстевски да даде објаснувања дали Владата во Скопје е поврзана со кампања спроведена преку овој институт.

ИФИМЕС во својата анализа напиша дека бугарските власти пласираат неверодостојни податоци дека Македонците имаат бугарско потекло и оти Северна Македонија мора да даде официјална изјава дека македонскиот јазик и идентитет имаат бугарски корени.

„Не може да се замисли дека во 21 век, државата Бугарија, која е полноправна членка на ЕУ и НАТО, ги оспорува идентитетот и јазикот на соседниот македонски народ“, коментираше словенечкиот Институт. (Н.В.)