Владата замрзна 252 милиони евра за „Бехтел и Енка“ за делницата Гостивар-Букојчани
Што значи овој чекор за договорот за автопатите засега не е јасно. Новиот министер за транспорт изјави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не сака да го раскине договорот
Односите на државата со конзорциумот „Бехтел и Енка“ може да се комплицираат, иако новиот министер за транспорт изјави дека проектот за изградбата на автопатите ќе продолжи.
Владата на седница што се одржа вчера донесе одлука за укинување на заклучокот на претходната техничка влада со кој се предизвикува фискални импликации за реализација на делницата Гостивар-Букојчани од Коридорот 8 од дополнителни 252,7 милиони евра. Според заклучокот на Владата тие средства не се планирани и обезбедени во Буџетот, ниту се економски исплатливи, информираат денеска од владината прес-служба.
Од Владата најавуваат дека за овој заклучок ќе биде известено и Основното јавно обвинителство.
„Овој заклучок бил усвоен на 13 јуни оваа година, повеќе од еден месец после изборите и на неколку дена пред донесување на одлуката за избор на нова Влада на Република Северна Македонија, како и економската неисплатливост за реализација на истиот“, се вели во денешното соопштение од Владата.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, неодамна изјави дека владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да го раскине договорот со фирмата „Бехтел и Енка“ за изградба на четирите автопати вреден 1,3 милијарди евра. Додека партијата беше во опозиција силно го критикуваше овој договор. Николоски рече дека тоа би било недомаќинскин однос кон буџетот, бидејќи изведувачот може да тужи.
„Mислам дека ќе биде недомаќински и душмански однос кон Буџетот ако јас сега го прекинам договорот, а тие средства веќе се кај изведувачот и не можат да се вратат. Изведувачот може да тужи и да побара арбитража и да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра средства на македонските граѓани, а да немаме ниту километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап, е да се бориме за да добиеме што повеќе километри автопат и што побрзо изграден во Македонија“, рече Николоски.
Тој уште изјави дека договорот не може ниту да се објави договорот, бидејќи е класифициран како државна тајна. „Сметам дека треба тој да се декласифицира, но за тоа потребна е согласност од двете страни и јас се надевам дека и другата страна ќе даде согласност. Она што е побитно е што Македонија може да добие од тој договор. Досега од претходната влада на СДСМ и ДУИ се исплатени 240 милиони евра на изведувачот за таканаречени подготвителни работи.
Владата лани, кога премиер беше Димитар Ковачевски, потпиша договор со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници во должина од 110 километри на коридорите 8 и 10д. Изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра и треба да трае пет години. Станува збор за автопатски делници: Требеништа-Струга-Ќафасан (22 километри), Гостивар-Букојчани (30 километри), Тетово-Гостивар (17 километри) и Прилеп-Битола (40 километри).