„Визер Скопски маратон“: Старт и цел пред Собрание, башка рути за рекреативци и маратонци
Промена на локацијата на стартот и на целта, промена на рутата за трката на пет километри, нов рекорд по бројот на учесници, ново име на штафетниот маратон, бесплатни групни тренинзи, хуманитарна нишка на целокупниот настан. Ова се новините што го разликуваат годинашниот „Визер Скопски маратон“ од претходните 14 изданија.
Поради поголем комфор на учесниците се напушта платото кај порта „Македонија“, па трката на 4 мај ќе почне и ќе заврши пред македонското Собрание. Новата локација нуди ширина од осум метри или двојно повеќе од досегашната и ќе овозможи повеќе простор, особено за почеток, на натпреварувачите.
Од оваа година се менува рутата за рекреативците кои ќе тргнат во спротивна насока од учесниците во полумаратонот и во маратонот. Патеката од пред Собранието ќе води кон скопската населба Аеродром, а за назад ќе минува под Железничка станица пришто во многу мал дел учесниците во неа ќе имаат допирни точки со оние на 21 километар и на 42 километра.
Од година во година „Визер Скопски маратон“ бележи рекорди по бројот на пријавени учесници, па така ќе биде и оваа. Се очекува да биде најмасовен досега со преку 11.000 натпреварувачи за сите трки.
„Моментно има 8.500 пријавени учесници што е за околу 1.500 повеќе споредбено со овој период лани. На Скопски маратон во 2018 година се пријавија вкупно 10.500 лица и очекуваме оваа бројка да биде надмината во претстојниот период до настанот“, ни изјави Кире Синадиновски, директор на „Визер Скопски Маратон“.
Штафетен маратон со наслов „ЕУ за спорт“ – евроамбасадорот Жбогар во тим со трите деца
Организаторите на „Визер Скопски маратон“ на еден нецел месец до настанот порачаа дека и годинашното издание ќе го преплави главниот град со позитивна енергија. Шефот на делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во земјава, Самуел Жбогар истакна дека ЕУ ќе продолжи со поддршка на вакви настани со цел за промоција на здрав начин на живот и заштита на животната средина.
„Ќе имаме неколку настани во мај меѓу кои и „Визер Скопски маратон“ на 4 мај што е многу значаен. Една од новините е името на штафетниот маратон што оваа година ќе биде насловен како „ЕУ за спорт“. Секој тим вклучува по четворица натпреварувачи од кои двајца ќе трчаат девет километри, а останатите двајца по 12 километри или вкупно колку цел маратон. И јас се пријавив за учество во штафетата, а во тимот ќе бидам со моите три деца“, рече Жбогар.
Соработка со GivenGain.com за донации за СОС Детско село, за „Момент Плус“ и за „Проект среќа“
Директорот на „Визер Скопски маратон“, Кире Синадиновски ги откри и другите новитети за јубилејното 15. издание на трката во контекст на заложбите за постојано освежување на атлетскиот спектакл и за негова континуирана надградба.
„Со поддршка од делегацијата на Европската Унија се организираат бесплатни групни тренинзи што започнаа од 28 март. Унијата е покровител и на штафетниот маратон „ЕУ за спорт“ за што се изработени прекрасни нови медали со кои одлично ја претставуваат Унијата и одразуваат симбол за начинот на кој единки стануваат можна целина кога работат“, истакна Синадиновски.
„Визер Скопски маратон“ низ годините наназад се изгради во релевантен настан во регионот и пошироко. Покрај пораките од организаторите, потврда за тоа се големиот број на учесници кои се пријавуваат од други држави.
„Тоа ни дава уште една одговорност да возвратиме на општеството и на заедницата. За таа цел оваа година се одлучивме да започнеме партнерство со GivenGain.com каде секој заинтересиран може да донира за три организации и тоа за СОС Детско село, за „Момент плус“ или за „Проект среќа“, нагласи Синадиновски.
Тој додаде дека патеката е измерена од страна на Интернационалната атлетска федерација (ИААФ) и Агенцијата за интернационални маратон и трки на долги патеки (АИМС). На тој начин „Визер Скопски маратон“ го обнови постоечкиот сертификат за точност на патеката и потврда дека истата ги исполнува сите стандарди за учество на Олимписки игри и на Светски првенства.
АМС вети поддршка на трката и во иднина
Минатата година „Визер Скопски маратон“ обедини над 10.000 луѓе низ улиците на македонската престолнина. Посветеноста на организаторите и поддршката од Агенцијата за млади и спорт (АМС), од Град Скопје и од делегацијата на ЕУ, направи настанот да прерасне во спектакл за меѓународна афирмација и на градот и на земјата.
„Може да ветам константна поддршка од Агенцијата за млади и спорт за овој настан и во иднина. Секогаш сме тука за максимална поддршка на настани од интерес за развој на спортот и промоција на здравиот начин на живеење“, изјави Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт.
Сашко Ѓ. Димовски