Вистината после Трамп
ЈАНИС ВАРУФАКИС
Ставовите за економијата што му ја отворија вратата на Трамп сѐ уште се длабоко вкоренети. За време на мандатот на претседателот Бајден, нивното влијание ќе биде уште посилно
Критичарите го нарекуваат лажго поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп. Но, Трамп е нешто многу полошо од лажго. Политичарите честопати прибегнуваат кон лаги за да прикријат непријатни вистини. Трамп е посебен по тоа што вметнуваше вистини во неговите безочни лаги кои ниеден друг политичар не би смеел да ги спомнува, од отфрлање на универзално прифатениот став дека глобализацијата е недвосмислено добра и корисна работа, до јавно признавање дека навистина се обидел да го скрати буџетот на поштенската служба на САД за да им го отежне гласањето на приврзаниците на демократите.
Научниците имаат причина да слават по заминувањето на Трамп, судејќи според видливото олеснување со кое сега презентираат епидемиолошки податоци од говорницата во Белата куќа, без страв од последици. Можеме ли да очекуваме големо враќање на вистината во мандатот на претседателот Бајден? За да одговориме на тоа прашање, прво мора да запомниме како нашите општества ја препознаваат вистината.
Либералите сакаат аналогии со пазарот. Како и најновите модели на мобилни телефони, мислењата се пласираат на голем пазар на идеи кои ги ценат преку децентрализиран процес, во кој учествуваат потрошувачите и производителите на ставови и вести. Во ваква пазарна конкуренција, точните мислења конечно ги потиснуваат неточните.
Сепак, самата идеја за пазар на идеи е лага. За разлика од мобилните телефони или јагодите, за полезноста на идејата не може да се суди на индивидуално ниво. Вистината на дарвинизмот, посебната теорија на релативитет на Ајнштајн или гледиштето на Кејнз дека монетарната политика станува бескорисна кога каматната стапки паѓа на нула, не е нешто што просечен лаик може да го процени врз основа на личното искуство. Затоа се потпираме на врвни, инхерентно недемократски институции за да ги тестираат овие теории во наше име.
Универзитетите и научните институции ја преземаат задачата за филтрирање и елиминирање на недостатоците во теориите. Наспроти споменатата аналогија со пазарот, станува збор за институции кои функционираат врз принципите на централно планирање и хиерархиски процеси на меѓусебна ревизија и контрола со цел безнтересна проверка на секоја теорија со примена на принципот на фалсификување.
Се разбира, секој научник се надева дека неговата омилена теорија ќе го преживее тој процес. Но, строго дефинираните протоколи во природните науки гарантираат дека теориите без емпириска основа ќе се распаднат под светлината на доказите. Овој хиерархиски и безличен процес ги ослободи нашите претци од незнаење. Во комбинација со процесот на комодификација, тоа доведе до пад на мајката на сите хиерархиски системи: феудализмот.
Трамп е поопасен од обичен лажго затоа што откри начин да го искористи економскиот двојник на природните науки за свои потреби. Зад секоја од државните политики кои директно влијаат на квалитетот на нашите животи се крие економска хипотеза. Авторитетот на ваквите хипотези се заснова на процес на меѓусебна проверка и верификација кои на наивниот набљудувач може да му личат на научен процес. Економистите дури и добиваат Нобелови награди. Но, она што го прават економистите е далеку од наука, што ги прави важни, иако неволни, сојузници на Трамп.
Да разгледаме три елементи на секоја популарна теорија на заговор. Прво, таа им нуди на приврзаниците заводливо чувство дека поседуваат супериорно знаење. Второ, им дава моќ да ги разоткријат себичните мотиви на експертите кои шират невистини. И, конечно, ги вклучува во движење поголемо од нив самите, во битка против непријателот кој не прави ништо за да го спречи откривањето на вистинската вистина.
Не смееме да заборавиме дека на истите столбови беше спроведена научната револуција. Она што ја разликува науката од теориите на заговор е процесот на верификација со примена на принципот на фалсификација. Следбениците на теориите на заговор не се плашат од емпириски докази – тие секогаш можат да најдат соодветно објаснување за нив или некако да ги вклопат во сопствените теории. Во природните науки, од друга страна, тоа е емпириски доказ што им помага на научниците да ги елиминираат невистините, бидејќи природата е рамнодушна кон нашите теории за тоа. Дожд ќе падне или нема да падне, без оглед што вели временската прогноза. Ако метеоролозите погрешат, тие можат да го обвинат само погрешниот модел што го користат за тоа.
Дали некогаш сте се запрашале како е можно двајца нобеловци во економијата, понекогаш дури и економисти кои ја делеа наградата истата година, да се прогласуваат меѓусебе за шарлатани? Ова не се случува со добитниците на Нобелова награда по физика или биологија. Ова им се случува само на економистите затоа што пазарите и општествата што се предмет на нивното истражување воопшто не личат на она со што се занимава метеорологијата, на пример. За разлика од метеорологот, ако почитуван финансиски аналитичар објави ненадеен пад на вредноста на акциите на берзите, тоа ќе се случи, иако аналитичарот можеби бил пијан кога ја објавил прогнозата.
Затоа, емпириските успеси и неуспеси на економските теории немаат никакво влијание врз нивното прифаќање или отфрлање. Како и следбениците на теориите на заговор и теолозите, претставниците на разни економски школи на размислување – кејнзијанци, монетаристи или марксисти, на пример, можат да објаснат сè на овој свет држејќи се исклучиво на рамките на нивната сопствена парадигма. Која од конкурентските доктрини ќе победи зависи од исходот на борбите за моќ меѓу фракциите што ги кријат своите интереси зад различни догми, исто како во религијата.
Тоа е влезот што го користеше Трамп. Децении пред неговата победа, обесправените и сиромашните ги слушаа економските експерти како им објаснуваат дека политиките кои ги уништиле нивните животи биле подложени на ригорозен процес на научна контрола и верификација. Тоа беше безочна лага што му дозволи на Трамп да го искористи очајот од милиони против „естаблишментот“ – па дури и против самиот етос на науката извалкан од наводниот сојуз со економијата.
Трамп конечно го нема. Но, ставовите за економијата што му ја отворија вратата на Трамп сѐ уште се длабоко вкоренети. За време на мандатот на претседателот Бајден, нивното влијание ќе биде уште посилно. Новата администрација е полна со истите експерти кои објавија лажни пророштва и го поддржаа општествениот поредок на нееднаквост, експлоатација и ирационалност што конечно го произведе трампизмот.
Да се потсетиме само како е измислена „природната“ стапка на невработеност кога се покажа дека теоријата, според која падот на реалните плати нужно доведува до зголемување на стапката на вработеност, не држи вода. Или како, кога дерегулацијата промовирана од експерти доведе до финансиски пад, виновникот беше пронајден во држава што премногу се мешаше во бизнисот со хипотеките, додека истовремено се уценуваше истата држава за да ги покрие дерегулираните загуби на финансиските господари.
Нормалноста се врати во Белата куќа. Бајден ќе се обиде да не лаже, можеби понекогаш ќе економизира со вистината ако биде принуден. Но, извесно е дека нема да дозволи одвреме-навреме да му се провлече некоја од клучните вистини, како што му се случи на Трамп. И затоа, вистината ќе биде под опсада уште долго време, и од експерти кои ѝ служат на новата администрација и од трампизмот – движење кое произлезе од токсични политики изградени врз нивните експертски економски невистини. (Проект синдикејт)
(Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии на Грција, е лидер на партијата МеРА25 и професор по економија на Универзитетот во Атина. „Независен“ е дел од мрежата на „проект синдикејт“.)