Високи американски функционери патуваат во Европа на разговори за безбедноста
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/rubio.jpg)
Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја турка својата агенда „Америка пред се“, ги доведе во прашање безбедносните обврски на САД во Европа и ги повика сојузниците драстично да ги зголемат трошоците за одбраната, додека неговата администрација досега беше главно тивка за неговите планови за идната помош за Украина.
Вашингтон му даде на Киев воена помош од десетици милијарди долари за време на претседателот Џо Бајден, но администрацијата на Трамп допрва треба да обезбеди дополнителна помош и покрај неколку милијарди долари преостанати од времето на неговиот претходник на функцијата.
Потпретседателот Џеј Ди Ванс ќе учествува на самитот за вештачка интелигенција во Франција, а потоа ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција во Германија заедно со државниот секретар Марко Рубио, кој потоа ќе отпатува на Блискиот Исток.
– Потпретседателот ќе одржи говори на секој настан и ќе има билатерални средби со светските лидери, соопшти Белата куќа.
Шефот на Пентагон, Пит Хегсет, во меѓувреме ќе ги посети седиштата на две американски воени команди во Германија, пред да присуствува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО и на собирот на меѓународните поддржувачи на Украина во Белгија, а потоа ќе отпатува во Полска на разговори со нејзините лидери.