Висока мода и фудбал: Шеиката Моза бинт Басер облече фустан стар 12 години и испрати моќна порака


ОАЕ – Шеиката Моза бин Насер, сопругата на поранешниот емир на Катар, шеикот Хамад бин Калифа Ал Тани, завчера, на отворањето на Светското првенство во фудбал во Катар, облече бордо фустан стар 12 години, и тоа со посебна симболика. И покрај тоа што нејзиниот сопруг се откажа од престолот во интерес на својот син, шеика Моза останува заштитен знак на Катар и една од највлијателните жени на Блискиот Исток и светот.

Моза која важи и за стилска икона, се појави во фустан од „Прада“, што првпат го облече 2010 година, кога нејзината земја се пријави за домаќин на Светското првенство. Фустанот е изработен по нарачка од италијанската модна куќа и беше инспириран од нејзината колекција пролет-лето 2007 година.

Бордо фустанот го спои со марама во истата нијанса, а изгледот го комплетираше со блескав брош и бордо мокасини. Моза сподели и фотографии од нејзиното модно издание на отворањето на Инстаграм и порача: „Времето дојде. Добредојдовте на Светското првенство на ФИФА Катар 2022 година“.

На снимката таа е со нејзиниот сопруг, шеикот Хамад, поранешен емир на Катар, и нејзините деца – шеик Хинд бинт Хамад и поранешниот наследник, шеик Јасим бин Хамад.

Во 2007 година таа се најде на 79. место на листата на Forbes на 100 највлијателни жени во светот, а во 2015 година и на листата на најдобро облечени жени во светот на списанието Vanity Fair. По вклучувањето на шеика Моза на листата на Forbes, нејзината актуелност само се зголеми, а светот ја запозна не само како гламурозна дама што стои покрај Шеикот, туку и како моќна социјална и политичка фигура.

Нејзините смели иницијативи се насочени кон подобрување на ситуацијата на жените на Блискиот Исток, искоренување на домашното насилство, овозможување на непречено образование и заштита на правата на децата и жените.

Со синот и ќерката на отварањето на Мундијалот во Катар

Моза бин Насер е родена во 1959 година и е ќерка на бизнисмен од кого ја наследила љубовта кон образованието. Своето образование го започнала во Египет. И покрај тоа што сакала да биде докторка, се одлучила за социологијата. Дипломирала на Катедрата за социологија на Универзитетот во Катар. 

Оттогаш и започнува нејзината работа на планот на модернизацијата на образовниот систем во Катар. Во 1995 година, Моза и нејзиниот сопруг ја основале Фондацијата на Катар за образование, наука и општествен развој, која е активна сѐ до денес. Фондацијата на Моза е заслужна за отворањето на американски универзитети на територијата на Катар преку т.н. програма „Град на образованието“. Со оваа програма, преку 14 милиони метри квадратни се искористени за изградба на студентски кампуси, универзитетски згради и институти. Програмата обезбедува и средства наменети за научни истражувања, како и за други економски и социјални проекти.

Со кралицата Ранија во Катар

Нејзините стилски избори се храбри исто колку и нејзиниот социјален ангажман. Таа делумно ја прекршува исламската традиција која налага носење на хиџаб, но затоа стилизираните турбани, од кои сепак се гледа дел од нејзината коса, стануваат нејзин препознатлив знак. Позната е и по раскошните фустани, повеќето во живописни и впечатливи бои, но и по честата појава во панталони, што е исто така неприфатливо во исламскиот свет.