Висок офицер на военото разузнување на Русија убиен во Украина
Со смртта на Алексеј Глушчак досега во инвазијата на руската армија загинаа 12 команданти. Убиениот генерал Виталиј Герасимов наводно е син на началникот на генералштабот на руската армија, Валери Герасимов
Русија призна дека го изгубила својот прв воен разузнавач на службата ГРУ во војната, што е последната жртва од висок профил на инвазијата на Украина.
Капетанот Алексеј Глушчак (31) од Тјумен во Сибир загина во тешките борби во украинското пристаниште Мариупол, но Русите не дадоа детали за тоа како бил убиен.
„Поради строгата тајност на воената операција, околностите за смртта на херојот од Тјумен не се откриваат“, се вели во соопштението.
Се појавија слики од погребот на Глушчак (татко на едно дете) во Русија, каде што тој беше погребан со целосни воени почести од почесната гарда. Во исто време Русија крие „илјадници“ смртни случаи на војници.
Во инвазијата на Русија досега загинаа 12 команданти, вклучително и тројца генерали.
Беше откриено дека на денот кога почина воениот разузнавач, тој разговарал и со сопругата и со мајка си во Русија. Тој се јавил да им го честита Меѓународниот ден на жената, но истиот ден вечерта дознале дека е убиен. Тој ќе биде постхумно одликуван.
Соопштено е и дека двајца елитни падобрански разузнавачи, исто така, биле убиени.
Георги Дудоров, заменик-командант на разузнавачката група за 137. полк на 106. воздушнодесантна дивизија на гардата од Тула, беше потврден како мртов.
Друг убиен падобрански разузнавач е Алексеј Алешко, дипломиран на престижното високо воздушно-десантно училиште за гарда во Рјазан.
Тоа уследи по загубата на генерал-мајор Андреј Колесников од 29. армија за комбинирано вооружување минатата недела, третиот генерал што беше убиен во битката меѓу 20-те кои учествуваа во инвазијата.
Неговата смрт дојде четири дена по убиството на генерал-мајор Виталиј Герасимов (45), првиот заменик командант на 41. руска армија. Според извештаите, Герасимов бил син на Валери Герасимов – началникот на Генералштабот на вооружените сили на Русија.
И генерал-мајор Андреј Суховецки (47), заменик командант на 41. комбинирана армија на Централниот воен округ, беше убиен.
Суховецки загина за време на специјална операција во Украина, напиша на социјалните мрежи неговиот соборец Сергеј Чипилев.