Вилем Дефо е автор на светската порака по повод Светскиот ден на театарот, еве што напиша


Јас сум актер, првенствено познат како филмски актер. Но моите почетоци се длабоко вкоренети во театарот. Бев член на The Wooster Group од 1977 до 2003 година, создавајќи и изведувајќи оригинални претстави во The Performing Garage во New York City, како и со настапи на турнеи ширум светот. Исто така сум соработувал со Ричард Форман/Richard Foreman, Роберт Вилсон/Robert Wilson и Ромео Кастелучи/Romeo Castellucci.

Денес сум уметнички директор на Театарското биенале во Венеција, во рамките на програмскиот комплекс – La Biennale di Venezia. Оваа функција, настаните во светот и мојата желба повторно да се навратам на активна театарска работа, силно го обликуваат  моето уверување во единствената, позитивна моќ и огромното значење на театарот, се вели во Светската порака по повод Светски ден на театарот – 27 Март што ја упати филмскиот актер и театарски творец– Вилем Дефо. 

На скромните почетоци од моето време во The Wooster Group, театарската трупа со седиште во Њујорк, често се случуваше на некои изведби во нашиот театар да има малку публика. Понекогаш правилото беше: ако има повеќе изведувачи отколку гледачи, можевме да одлучиме да ја откажеме претставата. Но тоа никогаш не го правевме.

Многумина од членовите на трупата не беа формално школувани во театарот, туку доаѓаа од различни дисциплини и се собраа за да создаваат театар, оттука и изреката „претставата/шоуто мора да продолжи“ не беше нашето мото. Но сепак, чувствувавме силна обврска да ја одржиме нашиот контакт со публиката.

Често вежбавме и во текот на денот, а материјалот го прикажувавме навечер како работа во развој. Понекогаш работењето на една претстава траеше со години, додека за прехрана се издржувавме со турнеи на постарите претстави. Долгогодишната работа на една иста претстава понекогаш ми стануваше напорна, а пробите ми делуваа исцрпувачки, но прикажувањето на делата во развој, секогаш беа возбудливи дури и кога малата публика беше суров суд за нивото на интерес, на она што го создаваме.

Токму тоа ми ја поттикна пораката дека, без разлика колку луѓе се присутни, публиката како сведок, му дава на театарот смисла и живот.

Како што вели натписот во казиното: „ТРЕБА ДА СТЕ ПРИСУТНИ ЗА ДА ПОБЕДИТЕ.“ Заедничкото доживување во реално време, на еден чин на создавање, кој може да биде структуриран и осмислен, но секогаш различен, е токму очигледната сила на театарот. Социјално и политички, театарот никогаш не бил толку важен и витален за нашето разбирање на самите себе и на светот.

„Слонот во просторијата“ се новите технологии и социјалните мрежи, кои ветуваат поврзаност, но наизглед ги фрагментираат и изолираат луѓето едни од други. Јас го користам својот компјутер секојдневно, иако немам профили на социјални мрежи; дури сум се „гуглал“ себеси како актер и сум користел вештачка интелигенција за информации. Но, треба да си слеп за да не забележиш дека човечкиот контакт е во ризик, истиот да биде заменет со односи со алатки, инструменти, уреди.

Додека некои технологии кои можат да ни служат за добро, го наметнуваат проблемот што не знаеме кој е на другата страна во кругот на комуникација, овој проблем е длабок и придонесува во кризата за вистината и реалноста. Интернетот можеби поставува прашања, но многу ретко создава чувство на чудо, кое театарот го буди. Тоа чудо се темели на внимание, ангажман и спонтано заедништво на оние присутни во кругот на акција и реакција.

Како актер и театарски практичар, верувам во силата на театарот. Во свет што се чини сè повеќе антагонистичен, контролирачки и насилен, нашиот предизвик како творци на театар е да избегнеме корупција на театарот, и да го спречиме убедувањето дека театарот  е комерцијален бизнис посветен на забава и разонода; или дека театарот е само сув институционален чувар на традиции; туку да ја поттикнеме неговата моќ да поврзува луѓе, заедници, култури и пред сè, да поставува прашања за тоа каде се движиме…

Големиот театар го предизвикува нашето размислување и не поттикнува да замислиме кон што се стремиме.

Ние сме социјални суштества, биолошки создадени за ангажмани со светот. Секој сетилен орган е порта за средба и преку тие средби постигнуваме подлабока дефиниција за тоа кои сме. Преку раскажување приказни, со естетика, јазик, движење, сценографија, театарот како целосна уметничка форма може да ни покаже што некогаш бил, што е и каков би можел да биде нашиот свет.

Превод од англиски на македонски јазик: д-р Иванка Апостолова Баскар

 

Вилем Дефо е уметнички директор на театарскиот оддел при La Biennale di Venezia, тој беше меѓу основачите на The Wooster Group; со седиште во The Performing Garage во New York City (1977–2004), тие развија препознатлив и автентичен пристап кон авангардниот театар.

Потоа тој оствари соработки со Боб Вилсон/Bob Wilson, Марина Абрамовиќ/Marina Abramović, Ричард Форман/Richard Foreman и Ромео Кастелучи/Romeo Castellucci.

Во раните 1980-ти започна да работи и на филм и оттогаш стекна меѓународно признание за својата актерска разновидност, како во независната, така и во комерцијалната кинематографија. Добитник е на четири номинации за И Оскар/Academy Awards, а во 2018 година ја доби наградата Копа Волпи/Coppa Volpi за најдобар актер на Венецијснскиот филмски фестивал/Venice Film Festival.

Неговата посветеност на театарот и понатаму силно ја обликува неговата уметничка визија и изведувачка практика.