Викторија Нуланд за руска телевизија: Кремљ лажеше со недели

„Путин донесе одлука да оди во војна и сега тој треба да донесе одлука да престане. Подготвени сме за дипломатија, но тој мора да го запре овој масакр“, ѝ порача Нуланд на руската јавност


 

Заменик-државниот секретар на САД, Викторија Нуланд во синоќешното интервју за независната руска телевизија Дожд даде тешки оценки за Владимир Путин, руското раководство и инвазијата во Украина. Овие оценки е тешко да се чујат во руската јавност во време на војната во Украина кога медиумите се под строга контрола.

Нуланд рече дека САД се подготвени да се вратат на дипломатската маса, но предуслов е Русија да ја запре инвазијата. „Во моментов ги откажавме сите контакти со Русија. Како што знаете, државниот секретар Блинкен беше подготвен да се сретне со министерот за надворешни работи Лавров, тој беше подготвен вчера да дојде во Женева на директни преговори, но наместо тоа Русија започна инвазија низ Украина, дури и врз Киев беше пукано со проектили, што можете да кажете во таква ситуација? Русија лаже, Кремљ со недели лаже за намерите на претседателот Путин. Ако Русија е подготвена да запре, ако Русија е подготвена да се врати на преговарачката маса, САД природно ќе бидат подготвени да се сретнат со руските претставници и да се обидат на некој начин да ја деескалираат ситуацијата. Но, за што можеме да зборуваме сега, токму сега, кога се случува овој масакр?“, одговори Нуланд на прашањето на новинарот дали има простор за дијалог меѓу САД и Русија.

Таа додаде: „ Претседателот (Володимир) Зеленски со недели вели дека е подготвен да се сретне со претседателот Путин каде било и во секое време за да преговара. Претседателот Путин е тој што одбива да преговара. Пред само една недела, претседателот Бајден понуди средба со претседателот Путин и исто така ја понуди својата помош за деескалација на конфликтот, исто како што направи секретарот Блинкен. Кремљ е тој што одбива да разговара“.

Нуланд рече дека можеби ќе започне некаков дијалог меѓу Русите и Украинците во наредните денови, но дека сега е најважно гранатирањето да престане, руските трупи да ја прекинат својата офанзива, а тоа мора да биде направено не само за доброто на Украинците, туку и за Русите. „Вашите синови сега гинат на фронтот, сега соборуваат руски авиони, соборуваат руски хеликоптери, вашите луѓе сега гинат без причина“, рече таа.

На прашањето дали воведувањето санкции за Путин и Лавров може да има спротивен ефект и само да предизвика уште поголема ескалација на конфликтот од страна на рускиот претседател, Нуланд одговори:

„Не, мислам дека оваа одлука на претседателот Путин да започне војна беше сурова шега, одлуката да испрати руски синови на овој масакр. Тоа е она што ќе даде негативен резултат. И сега Русите велат ‘Не!’ на војната, тие велат: ‘Ние не сакаме таква иднина’. За сето ова е одговорен претседателот Путин и ние ќе го повикаме на одговорност, тоа јасно го кажавме, па затоа ги развивме санкциите што сега се воведуваат така што претставниците на руската елита, луѓето кои го поддржуваат Путин а не обичните Руси, ќе страдаат. Сега мора да му кажете на претседателот Путин дека мора да престане, а ние ќе ве поддржиме во тоа“.

На крајот од подолгото интервју таа порача: „Претседателот Путин донесе одлука да оди во војна, па сега останува на него да донесе одлука да престане. Подготвени сме за дипломатија, но тој мора да го запре овој масакр“.