Виктор Фридман, лингвист и македонист од Универзитетот во Чикаго, добитник на Светската награда за хуманизам


Виктор Фридман, лингвист, славист и македонист, професор на Универзитетот од Чикаго е добитник на Светската награда за хуманизам за 2023 година што Охридската академија на хуманизмот ја доделува во чест на Свети Климент Охридски.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август 2023 годнина, на празникот „Летен Свети Климент“, кога треба да биде откриено спомен-обележје на плоштадот Долна порта, а Охрид да биде прогласен за Центар на светскиот хуманизам.

Охридската академија на хуманизмот информира дека Фридман преку писмо му се заблагодарил на претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш.

– Чест и задоволство ми е да ја прифатам номинацијата за оваа престижна награда и да се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот, стои во писмото од Фридман.

Професорот Фридман е седумнаесетти добитник на признанието, а меѓу добитниците се нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди. Нивните имиња ќе бидат запишани на спомен-обележјето на Долна порта.

– На свеченоста на која ќе бидат поканети сите досегашни добитници, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости, меѓу кои и претставници и градоначалници од збратимените градови на Охрид од Европа и градовите по покровителство на УНЕСКО, свои пригодни обраќања ќе имаат Романо Проди, поранешен претседател на Европската комисија и добитник на оваа награда, Жан-Патрик Конрад, од Империјал колеџот од Лондон, претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, и германската нобеловка Херта Милер, соопшти Охридската академија на хуманизмот.

Се очекува да присуствува и генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, како и претседатели на интернационални културни и образовни фондации од Европа и светот.

Во Куќата на Уранија ќе бидат изложени делата на лауреатите од сите меридијани и на тој начин достоинствено ќе биде одбрането престижното место на Охрид во светската цивилизација.