Викендов заради санирање на мостот на Маркова Река ќе има времен режим на сообраќај


Викендов заради реализација на проектот за целосно санирање на оштетувањето на мостот на Маркова Река во населбата Драчево, на овој потег ќе биде воведен времен режим на сообраќај, сооптија од Центарот за управување со кризи (ЦУК) повикувајќи се на информација од Центарот за управување и контрола на сообраќајот на Град Скопје.

Оштетувањето на мостот ќе се санира со брзоврзувачки материјали на цементна основа, што ќе овозможат враќање на асфалтот за само 24 часа после реконструкцијата на коловозната плоча, се вели во соопштението.

Санацијата е планирано да се заврши за два дена, предвидено до поставување на асфалтната маса и од таа причина се бара период со минимална фреквенција на мостот, значи во еден период од 20-тина часа, сообраќајот на мостот ќе треба да се одвива по само една сообраќајна лента, со најмала можна брзина на движење, од околу 10 километри на час.

Времениот сообраќаен режим на овој потег ќе важи до завршување на градежните активности за санација на оштетувањата, па оттука Центарот апелира за максимална претпазливост при возењето на учесниците во сообраќајот, се вели во соопштението до медиумите.