Викендов саем на мед во центарот на Скопје


 

Повеќе од 20 изложувачи од сите краеви на земјава изложуваат мед и пчелни производи на штандовите што се поставени на плоштадот „Македонија“ во Скопје во рамките на четвртиот „Пчеларски саем на Македонија“ во организација на Пчеларската федерација на Македонија, под покровителство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

За време на тридневното траење на манифестацијата, чиј домаќин е Градот Скопје, посетителите ќе можат да дегустираат мед и пчелни производи, а на одреден дел од штандовите ќе се нуди и пчеларска опрема за потребите на пчеларите.

– Пчеларството во Македонија оди во нагорна линија. Имаме пчелари од сите бранши, од сите старосни структури и од спротивниот пол. Постанува фамилијарен бизнис со традиција и голем број на млади се определуваат за пчеларството како основен бизнис, рече Јане Марков, претседател на Пчеларската федерација на Македонија на официјалното отворање на саемот.

Тој нагласи дека годинава има малку подобри приноси на мед во некои краеви во земјава за разлика од минатите години иако, како што рече, има потфрлување кај шумскиот мед.

– Нашите пчеларници се оддалечени повеќе од стотина километри и се сместени во чиста средина. Енергетската криза си го прави своето. Ако до сега за една посета на пчеларникот се трошело одредена количина пари во гориво, сега потрошувачката е зголемена на повеќе од сто отсто. Се планира да се смени и правилото за субвенции за пчеларите. За тоа треба сериозно да се размисли, бидејќи претставува опасност голем број  на пчелари да се откажат од пчеларењето, а со тоа да биде згрозена нашата животна средина, посочи Марков.

Во голем број светски метрополи, како што рече, се чуваат пчели во градските паркови и зеленила како биолошка контрола на здрава животна средина, а кај нас тоа е оневозможено, бидејќи над градовите се прска со инсектициди за убивање на комарците од кои најмногу страдаат пчелите.

Познатиот хуманист и ликовен уметник Живко Поповски – Цветин на отворањето на манифестацијата на Федерацијата и подари негов цртеж со матица и цвеќиња насликана во дрвена рамка за саќе што се поставува во сандаците за мед.

– Како агроном мислам дека пчелите се животот на планетава. Ако не се тие нема оплодување на овошните градини и сите цветови кои треба да донесат плод, рече Цветин.