Вигенин од БСП побара македонските политичари да даваат воздржани изјави


 

Потпретседателот на бугарското Собрание и втор човек на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Кристијан Вигенин денеска ги повика македонските власти и партиите да се воздржеле од изјави кои не водат кон решавање на проблемите меѓу двете земји.

„Ги повикуваме властите во Северна Македонија, како и водечките политичари и партии, да се воздржат од изјави и постапки кои не водат кон решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација, која долгорочно може да го влоши дијалогот меѓу двете земји“, изјави Вигенин.

Неговата партија ќе инсистира за инцидентот од четвртокот во Охрид да бидат информирани Советот на Европа и ОБСЕ. Бугарските социјалисти се меѓу натврдокорните партии во Бугарија во односот кон Македонија.

„Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинувањето на ветото за преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската унија“, изјави Вигенин на брифинг со новинарите, по одолжувањето на точката од дневниот ред на денешната седница на бугарското Собрание по која требаше да се расправа за односите на Софија со земјава.

Расправата, иницирана од националистичката партија Преродба и на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, беше одложена затоа што на седница не дојде шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, поради, како што беше соопштено, службено патување надвор од државата.