(Видео) Во Франција дувал ветер до 200 км/ч, брановите високи 20 метри


Невремето Сиаран денеска ја зафати северна Европа со силни ветришта и дожд, однесе еден живот во Франција и ги стопираше аеродромите, железницата и фериботите.

Паднато дрво усмрти возач на камион североисточно од Париз, а 1,2 милиони домаќинства во Франција останаа без струја.

Властите во Финистер, Бретања, ги повикаа луѓето да останат дома за да избегнат ветрови кои достигнуваат брзина до 207 километри на час. Брановите во северозападната француска провинција пораснаа до 20 метри, пренесува Ројтерс.

„Повторувам: останете дома“, објави локалниот префект Ален Еспинас.

 

Бурата Сиаран, која пристигнува по бурата Бабет пред две недели, ја води силен млазен поток од Атлантикот. Донесе силен дожд и силен ветер кои веќе предизвикаа поплави во Северна Ирска.

Зафатени се Каналските Острови и јужниот дел на Англија
Во Велика Британија најпогодени се Каналските Острови. Би-би-си јавува дека на островот Гернзи биле уништени прозорци и покриви од куќи, поради што семејствата барале засолниште во хотели.

И блискиот југ на Англија беше погоден. Голем број училишта се затворени, а итните служби ги предупредуваат жителите да го избегнуваат брегот.

Холандската авиокомпанија KLM објави дека откажала неколку десетици летови од аеродромот Шипхол во Амстердам.