(Видео) ВИ користена при организацијата на шестото издание на Конференцијата за е-трговија


Вештачката интелигенција го менува начинот на трговија, па токму затоа централна тема на годинешното шесто издание на Конференцијата за е-трговија е токму ВИ, која патем, помогнала да се организира оваа конференција. 

– Она што е во фокус оваа година е вештачката интелигенција и како таа ја редефинира е-трговијата, односно воведува нова ера. ВИ е тука и ќе остане, практично, односно го смени начинот на кој живееме, работиме, го смени начинот на работните места, односно ги редефинира. А ние бидејќи ја ставивме во фокус оваа година и бидејќи се водиме по принципот на „го практикуваме или го применуваме она што го проповедаме“, овогдишната конференција беше во целост потпомогната од вештачката интелигенција односно, во организацијата ни помагаше ВИ за најразлични работи, од почеток до крај – вели Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.

Благодарение на регионалната промоција на Асоцијациите во регионот, денеска има околу 20 отсто од учесниците кои доаѓаат од земјите од Западен Балкан, меѓу кои Бугарија, Хрватска, Молдавија. На тој начин оваа конференција стана препорзнатлива во регионот и привлекува заинтересирани страни за е-трговија.

– Како што нема раст на бизнисите без е-трговија, така нема раст на е-трговијата без вештачка интелигенција – додава Ангеловска.

Годишната анализа на е-трговија која секоја година се изработува во Асоцијата за е-трговија и претставува основа за тоа што треба да се преземе понатаму, кои се бариерите и како се прогресирало во споредба со претходни години, но и во споредба со земјите од регионот.

-Незадоволително е тоа што не се движиме со темпото со кое сакаме да се движиме. Рангирани сме, со повеќе индикатори, споредено со европските земји најниско на сите рангови според индикаторите за е-трговија. Според најновите податоци од Евростат, бидејќи за да тргуваме треба да сме поврзани на интернет, Црногорците и Македонците најмногу користат интернет, меѓутоа најдобри за е-тргување се Србите со 63 отсто од интернет-корисниците, на второ место е Македонија и најслаби се Црногорците и Албанците – вели Ангеловска.

Како дел од програмата официјално ќе се споделат податоци од годишниот преглед на анализата за е-трговија за 2023 година, ќе се зборува и за важноста на податоците, маркетингот и вештачката интелигенција како потпора за успешен бизнис со е-трговија, влијанието на „маркетплејс“ платформите во секторот на е-трговија, но и за значењето на беспрекорното искуство со интернет плаќањата и меѓуграничната достава на интернет, а ќе бидат споделени и искуства од успешните е-трговци во регионот.

Пред присутните гости свои поздравни обраќања ќе имаат претседателот на Р.С. Македонија, Стево Пендаровски, НЕ Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузната Република Германија во С. Македонија, Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на ЕУ во С. Македонија, како и Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија.

Конференцијата е поддржана од Германското друштво за соработка – ГИЗ како организациски партнер, Мастеркард како генерален партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Ананас и НЛБ Банка како златни партнери и Комерцијална банка, Корпа, Пивара Скопје, Геники Таксидромики, Фит Кит, Халкбанк, Фешн Груп и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп како сребрени партнери на настанот.