(Видео) Сопственикот на „Беса Транс“ за БНТ: „Зошто и јас не бев во тој автобус“
Сопственикот на туристичката агенција „Беса Транс“, Беким Хаџиу, во интервју за бугарската национална телевизија за првпат зборува за деталите околу патувањето и страшната автобуска несреќа во која загинаа 45 лица.
Хаџиу вели дека автобусот поминал нa технички преглед пред да замине од Турција и сè било во ред и ја исклучува можноста некој од патниците да има увезено запаливи материи.
Сопственикот на агенцијата во интервјуто вели дека досега не зборувал за медиумите бидејќи бил шокиран од тоа што се случило, но на секој начин соработува со истражителите за да се утврдат причините за инцидентот.
Тој додава и дека автобусот бил произведен во 2007 година, но бил купен од неговата компанија пред околу 3 години. Според него, досега немало технички проблем со возилото.
„Си велам зошто не бев во тој автобус, да умрам и тоа си го кажав многу пати“, вели Хаџиу.
Тој дознал за автобуската несреќа на граница, на излез од Бугарија.
„Им реков да ме испратат на местото да видам со свои очи што се случило таму“, вели Хаџиу кој се качил во такси и се вратил на местото на несреќата.
„Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ги проверат, превезуваме патници, да видиме каква е состојбата. Сè беше во ред и таму ни кажуваат доколку нешто не е во ред веднаш да го поправиме“, објаснува сопственикот на „Беса Транс“.
Тој вели дека во автобусот немало туби со нелегално увезено гориво. Поради темелните проверки на бугарските граници се исклучува можноста патник да внесе многу запалива материја.
На прашањето дали автобусот ги има сите потребни документи, Хаџиу и неговиот адвокат во интервјуто за бугарскиот медиум велат дека во оваа фаза нема да коментираат бидејќи истрагата е во тек. За возачите на автобусите смета дека биле добри и искусни професионалци кои многупати ја поминале таа релација и според него тие строго ги почитувале термините за паузи.
Хаџиу во интервјуто додава и дека автобусот имал фабрички ограничувања и не можел да крене брзина поголема од 100 километри на час.
Тој во разговор за бугарскиот медиум објаснува дека од несреќата живее во Бугарија. Изнајмил стан за да им биде достапен на истражителите и да помогне колку што може и вели дека е достапен и за роднините на настраданите.
„Никој не сакаше ова да се случи. Сите го знаат тоа. Не дозволувајте никому да му се случи оваа трагедија, тажна, многу тажна трагедија. Не знам што друго да кажам“, изјави за БНТ сопственикот на „Беса Транс“.