(Видео) Шилегов со големи планови за 2021 година – од трамвај до смарт сити


Градоначалникот Шилегов, на сите свои сограѓани им упати честитка за Новата 2021 година во која им пожели да им биде исполнета со многубројни моменти на среќа и благосостојба, како и здравје за нив заи нивните најмили, и им порача да ја дочекаат во празнично расположение во кругот на нивните најблиски.

– Зад нас е уште една тешка година која заеднички успеавме да ја пребродиме. Иако моравме да го намалиме нашето движење, да седиме дома, да ги кратиме нашите трошења, сепак, градот мораше да продолжи да функционира и живее. Светската пандемија на корона вирусот наметна нови приоритети. Успеавме да го реконструираме и прошириме паркингот на Клинички центар и овозможивме услови за поставување на нова монтажна болница.Најдовме сили да и помогнеме на економијата во повеќе сектори – рече Шилегов.

Тој додаде дека Градот започна градежна офанзива во која се реконструираа и почнаа да се градат вкупно 19 градски сообраќајници, се намалија дел од давачките кон градот, а им помогна и на најпогодените уметници, угостители, родители на ученици и други на кои помошта им беше најнеопходна во овие тешки времиња.

Иако годината беше тешка улиците на Скопје сега се побогати за 33 нови еко автобуси на гас. Скопје го доби покривот на ГТЦ, кој е првиот зелен покрив отворен за граѓаните, а започна уредувањето и на вториот – покривот на Домот на градежници.

– И следната година не очекуваат уште многу нови и реконструирани сообраќајници, уште многу нови проекти во делот на образованието, културата, социјалата, животната средина и локалниот економски развој. Следната 2021 е година во која почнуваме со Смарт сити, БРТ системот на Трамвај без шини, го започнуваме новиот мост на Љубљанска, а завршуваме со мостот на АСНОМ. Ако биде се во ред и условите го дозволат тоа ќе започнеме со изградба на новиот Луна парк и ботаничка градина. Не очекуваат уште многу нови зелени еко проекти, нови паркови и скверови, зелени покриви, реформиран систем за одржување на комуналната хигиена, нова велосипедска инфраструктура и нови енергетски ефикасни проекти. Пред нас е уште една година исполнета со многу предизвици кои можеме да ги поминеме заедно со многу ентузијазам и верба во подобро утре – кажа Шилегов во својата честитка.

Исто така, тој упати и апел до своите сограѓани да останат дома со семејствата, да ја почувствувааат уште еднаш убавината на домот, и да го направат тоа за нив и за нивните најсакани.

– Да ја пребродиме заедно уште оваа криза, за да можеме заеднички да прославуваме и дочекуваме уште многу нови години полни со радост и среќа – порача Шилегов во честитката која им ја упати на своите скопјани, негови сограѓани.