(Видео) Русите случајно со проектил го потопиле сопствениот брод


Русија случајно го потопи сопствениот брод со проектил за време на поморските вежби во близина на брегот на регионот Калининград. Тројца членови на екипажот загинаа, а четворица се ранети, јавија локалните медиуми.

За време на вежбата на Балтичката флота на 19 март, проектил случајно го потопи бродот „Капетан Лобанов“, објави независниот телевизиски канал ТВ Дожд, повикувајќи се на роднина на еден од членовите на екипажот. Изворот додаде дека претставници на руската Федерална служба за безбедност им рекле на преживеаните членови на екипажот да молчат за инцидентот.

Властите тогаш известија дека на бродот „избувнал пожар“ и дека само едно лице загинало. Преживеаните членови на екипажот се префрлени во болница во градот Пионерск, а едно лице е во тешка состојба, пренесува Newsweek.

Тој инцидент само дополнително ги нагласи проблемите на руската морнарица. Неодамна, фирмата „Рочан консалтинг“, специјализирана за разузнавање со отворен код, процени дека руската Балтичка флота повеќе нема можност да започне големи амфибиски операции бидејќи нејзините способности биле „деградирани“ за време на војната во Украина.

Руската Црноморска флота претрпе особено значителни загуби, почнувајќи со загубата на командниот брод „Москва“ и завршувајќи со голем број помали бродови.