(Видео) Пратеникот на ВМРО -ДПМНЕ кој го пцуеше Апасиев имал кривични пријави за дивоградба и за крадење вода!
Пратеникот кој денеска го пцуеше лидерот на Левица Димитар Апасиев има две кривични пријави, откри денеска на прес-конференција во Собранието пратеникот Амар Мециновиќ.
– Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ постојано надвор од сите норми на парламентарството и на нормалното комуницирање се користат со најодвратни механизми за провокација. Анонимниот пратеник Зоранчо Јованчев денеска го опцу Димитар Апасиев спомнувајќи го неговото семејство.
Интересно е за јавноста дека овој пратеник има две кривични пријави, една е за дивоградба во Лозово, другата е за крадење на вода, за див приклучок. Е, за вакви луѓе се работи.
Нашата порака е дека не им се плашиме, ние сме шесторица, тие 58, нека бидат уште 50, на секој насилнички одговорор ќе вратиме уште пожестоко, истакна Мециновиќ.
Според него во ВМРО-ДПМНЕ се опиени од власта и дека веќе на оваа втора седница за пратенички прашања ја ескалираа ситуацијата.
На седницата за пратенички прашања од опозицијата, која претставува нова деловничка алатка, за малку ќе дојдеше до физичка пресметка помеѓу лидерот на “Левица“ Димитар Апасиев и пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев. Почнаа да си дофрлаат навреди и псовки, а во еден момент Апасиев замавна со слушалките и се обиде да иницира тепачка. Се насобраа пратеници и ги раздвоија “закрвените“ пратеници, а спикерот Африм Гаши го повика обезбедувањето да интервенира.