(Видео) Попладнево светнува елката и се отвора новогодишниот базар на плоштадот „Македонија“ во Скопје
Вечерва, почнува новогодишната програма која Град Скопје, ја организира за скопјани и сите оние кои ќе се затекнат во главниот град околу празниците.
Со симболично палење на светилките на елката наместена на централниот плоштад „Македонија“, официјално ќе се отвори и новогодишниот базар, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Посебна атмосфера, богата програма со забава, музика, многу подароци и изненадувања за сите генерации, најавува градоначалникот кој ги повика скопјани, попладне во 18 часот, на плоштадот „Македонија“ заедно да присуствуваат на осветлување на градот по повод новогодишните и божиќните празници.

„Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. А сите ние – и младите и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите. Во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух“, напиша градоначалникот на својот фејсбук профил.
Во периодот од 15 до 31 декември секојдневно од 18 часот ќе има празнична програма со музички настапи, диџеј сетови уметнички изведби и бројни изненадувања.
„Ова е почеток на нешто ново, магично и возбудливо за нашиот град. Првпат во историјата Скопје ќе ја дочека новата 2026 година со вистинска новогодишна зимска бајка. Настан кој ги обединува сите генерации од најмладите до највозрасните заедно се семејствата, пријателите, сограѓаните. Скопје конечно ќе покаже дека може да биде весел, модерен и динамичен град, град кој наликува на светска метропола во срцето на Балканот“, вели градоначалникот Ѓорѓиевски.
Централниот дел од новогодишната програма започнува на 27 период во кој градоначалникот Ѓорѓиевски смета дека Скопје ќе живее во полн празничен ритам. Напладне на Плоштад Македонија ќе дојде дедо Мраз со подароци и изненадувања за сите присутни.
Посебна можност во празничните денови Град Скопје ќе им даде на талентираните средношколци.
„Публиката ќе има можност да ги слушне најталентираните скопски средношколци кои ќе настапат со свои музички изведби и свои бендови. Во програмата се вклучени сите средни училишта на градот Скопје како дел од заложбата за поттикнување на младинската креативност и активно учество во културниот живот на нашиот град. Ги поканувам сите граѓани, сите семејства и посетители заедно да ја започнеме новата традиција и да бидат сите дел од новогодишната магија создавајќи Скопје исполнето со светлина, радост и позитивна енергија“, повика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека имал само една желба околу дочекот, забавата да ја направат домашни музички ѕвезди, па за дочекот се најавени Каролина Гочева, Тамара Тодевска, Миле Кузмановски, Огњан Здравковски, Куку Леле, Лара, Пајак, Два Бона и Тина Перовска.
Прославата на Новата 2026 година на плоштадот во Скопје, е организирана од „Државната видео лотарија“. Украсувањето на плоштадот и околните булевари го направи Градот.