(Видео) Нова водоводна и канализациска мрежа на улица „Варшавска“


Илустрација

Градот Скопје преку ЈП „Водовод и канализација“, заедно со Општина Карпош, денеска ја почнаа изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа на улицата „Варшавска“ во скопската населба Тафталиџе.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Душко Весковски информира дека водоводната мрежа е во должина од околу 110 метри со Ф160, додека канализационата мрежа со околу Ф250 во должина од 120 метри.

Тој нагласи дека вкупната инвестиција на јавното претпријатие е од сопствен буџет и ќе чини околу 4,5 милиони денари.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев кажа дека овој месец општината почнува целосна и темелна реконструкција на кракот на улица „Варшавска“ од булеварот „8-ми Септември“ до улицата „Париска“ за да биде поефикасно и побрзо работењето и да нема дополнителни инфраструкурни зафати, додавајќи дека работат на нова атмосферска канализација и на нов детски парк во населба Криви Дол.

Градоначалникот на Град Скопје Шилегов изјави дека изградбата на новата водоводна и канализациска мрежа ќе овозможи приклучување на новоизградените и на дел од постојните објекти на улицата, со што, како што рече, ќе се обезбеди во наредните 30 години да има подобро и поквалитетно водоснабдување и канализациска мрежа на овој дел од Скопје.

Тој додаде дека скопската вода е втора во Европа по својот квалитет, додавајќи дека потребни се околу 30 години да помине низ природните филтри водата од Шар Планина, по подземните патишта преку Полог и Жеден додека да дојде до скопјани.

– Скопје и Виена се единствените градови во Европа кои имаат еден ваков природен филтер кој овозможува постојано снабдување со здрава и квалитетна вода за пиење. Заради тоа со забрзан интензитет продолжуваме понатаму со развивањето на водоводната и канализациона мрежа за да обезбедиме поквалитетни услови за живот за сите наши сограѓани без разлика во кој дел од градот и кога го пронашле својот дом, рече Шилегов.

Градоначалникот Шилегов упати апел до граѓаните за разбирање додека траат градежните активности.