(Видео) Меки турски лепчиња кои се печат 10 минути


Замесете тесто и направете меки домашни лепчиња. Тие се одлична замена за леб.

Порано, домаќинките секое утро меселе леб или лепчиња, а денес овие производи се почесто се купуваат, бидејќи луѓето немаат време да ги подготват. Но, наместо да ги купувате, ви предлагаме да ги направите навечер и потоа наутро секогаш да појадувате свежи лепчиња. Овие меки лепчиња наместо леб можете да ги послужите за ручек, но од нив можете да направите и сендвичи.

Состојки:

380 ml вода

1 лажичка шеќер
1 лажица сув квасец
500-530 гр брашно
1 лажичка сол
20 гр путер
За премачкување
1 жолчка од јајце
1 лажица јогурт
црн сусам

Подготовка:

Чекор 1
Замесете тесто
Во еден сад измешајте топла вода, квасецот и шеќерот и убаво измешајте. Потоа додадете просеано брашно и сол и замесете тесто. Додадете путер на собна температура и месете додека не се соединат добро сите состојки. Ставете го во сад и покријте го со проѕирна фолија, па оставете го да нарасне околу еден час.

Чекор 2
Обликувајте ги лепчињата
На набрашнета површина тестото поделете го на 4 еднакви делови и формирајте топчиња. Се става на плех, па се покрива со проѕирна фолија и се остава да нарасне уште 40 минути.

Чекор 3
Печете лепчиња
Со раце малку израмнете ги топчињата, па премачкајте ги со жолчката која сте ја изматиле со јогуртот. Со прстите направете линии по должина, а потоа по ширина. Посипете со сусам и печете на 200°C околу 10-15 минути.