(Видео) Родилката што се фрли од прозорец на ГАК е во многу критична состојба


Пациентката е во многу критична состојба, откако вчера во 21.30 часот се фрлила од прозорецот во ходникот на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје, три дена откако се породила со живо машко дете. 

Ова го потврди директорката на ГАК, на денешната прес-конференција.

Како што појасни оперативниот директор на ГАК, Јетон Шаќири, пациентката на 39-годишна возраст од Скопје, била примена на Гинекологија на 28.06. во 21.16 часот заради крвавење во последниот триместар од бременоста (36 гестациска недела).

-Пациентката веднаш е прегледана од дежурен специјалист во амбулантата за итни случаи и е утврдено дека се работи за предвремено одлепување на постелката, состојба којашто витално го загрозува плодот и сериозно го загрозува здравјето на мајката. Пациентката веднаш е примена во родилна сала и по кусата предоперативна подготовка и за 14 минути од приемот е породена со царски рез во 21.30 часот, при што е добиено живо машко дете во задоволителна кондиција. Пациентката е уредно следена на одделот за породени жени – Пуерпериум, согласно медицинските стандарди и протоколи. Во петокот, пациентката се пожалила на вознемиреност и извршен е разговор со клинички психолог. Во понатамошниот постпородилен период пациентката е следена согласно дадените препораки. Следниот ден, пациентката е без особени тегоби и е со уреден гинекошко-акушерски статус. Вчера, пак, на утринска визита пациентката се пожалила на слична симптоматологија како и во петокот, при што дежурните лекари извршиле разговор со неа, ординирана е соодветна терапија и донесена е одлука, за подобра проценка на состојбата пред испис да се повика психијатар. Во понатамошниот тек од вчерашното дежурство продолжени се дневните активности и работни обврски на дежурната екипа, без дополнителни влошување на состојбата на родилката, рече Шаќири.

Тој и директорката појаснија дека не е пракса никаде во светот да се затворат прозорците на првиот кат, односно да се постават решетки.

Велат дека често се случува мајката да не сака да го подои своето дете, да ги фати постпородилна депресија. Таа немала претходни психички проблеми, но ова ѝ и прва бременост на 39-годишна возраст. 

Психолог разговарал со неа, дента кога се пожалила на психички прблеми, а вчера со неа требало да разговара и психијатар, откако на визита се пожалила на истите симптоми. 

Инаку, мајката добро заздравувача од породувањето и била пред пуштање од болница дома. 

– За жал пациентката е во многу тешка состојба. Сега се враќам од КАРИЛ и тамошните колеги ми рекоа дека состојбата е критична – рече директорката на ГАК Викторија Јовановска. 

Родилката го преживеала падот и во моментов е на КАРИЛ во придружба на дежурната екипа, а немилиот настан е веднаш пријавен во надлежните институции кои излегоа веднаш на терен за разјаснување на случајот.