(ВИДЕО) Елмас и Наполи ремизираа со Генк, Борусија ја совлада Славија во Прага


Во првите натпревари од вториот натпреварувачки ден во второто коло од Лигата на шампионите Наполи ремизираше на гостувањето кај Генк, додека Борусија Дортмунд славеше со 2:0 во Прага против Славија.

Елиф Елмас беше стартер за екипата на Наполи, но нашиот репрезентативец не успеа да му помогне на својот тим да дојде до победата во натпреварот во кој важеше за фаворит.

Елмас одигра одлично на гостувањето кај Генк, но Анчелоти го повлече од игра во 58. минута поради тактички причини и на негово место внесе напаѓач во обид да дојде до победата. Ниту тоа не им помогна на гостите од Неапол да дојдат до победата, а главен виновник за тоа е полскиот напаѓач Аркадиуш Милик. Полјакот пропушти три одлични шанси за погодок во првото полувреме кога двапати ја погоди пречката од голот, а еднаш од непосредна близина биеше над голот. Претходно и Каљехон ја погоди стативата, а и Калиду Кулибали пропушти одлична шанса за водство откако неговиот удар беше запрен на гол-линијата, па Наполи мораше да се задоволи со еден бод.

На вториот натпревар кој се одигра во Прага, Борусија Дортмунд славеше на гостувањето кај Славија со 2:0.

Германскиот тим не го потцени противникот како Интер во првото коло, а херој на гостите вечерва беше Ашраф Хакими кој ги постигна двата гола за „Милионерите“.

Гостите дојдоа до водство во 35. минута по одличната соло акција на бекот на Борусија Дортмунд, а потврдата за победата дојде во 89. минута по убиствениот противнапад на „Милионерите“, откако Брант одлично го проигра Хакими кој без проблеми ја смести топката во мрежата на домаќините.