(Видео) Бура предизвика хаос во Европа – илјадници без струја


Поради силни бури во многу европски земји, меѓу кои Велика британија, Белгија, Холандија, Полска, Германија и Франција, настана значителна материјална штета.

Оштетени се бројни станбени објекти и возила, а многу домаќинства се без електрична енергија, додека сообраќајот е отежнат, пишува Анадолија.

Бурите во некои европски земји почнаа минатата недела и уште траат.

Во многу градови има и човечки жртви, има материјална штета, а откажани се бројни авионски летови.

Во Велика Британија бурите Дадли и Јуник зафатија многу градови.

Во Лондон луѓето тешко се движеа, а превртени се и стебла на многу сообраќајници.

Лондонската полиција издаде црвено предупредување.

Во налетот на бирата Јуник настрадаа три лица, а 1,4 милиони домаќинства останаа без струја.

Околу 12.000 домаќинства во земјата, уште немаат електрична енергија.

По двете бури, Велика Британија беше погодена и од бурата Френклин.

Во Северна Ирска се борат со поплави, а на возачите им се советува да не заминуваат на пат доколку тоа не е неопходно.

Нема струја

Во Полска повеќе од 500.000 домаќинства се без електрична енергија. Полските власти соопштија дека поради бирата Јуник без електрична енергија се околу 534.000 домаќинства, а штета е причинета на околу 2.600 објекти.

Пожарникарите имале дури 23.500 интервенции. Железниците на Полска откажаа 67 меѓуградски линии.

Премиерот на Полска Матеуш Мориавецки рече дека е јасно видливо влијанието на бурата Јуник која зафати многу европски земји, а на граѓаните им советуваше да останат дома.

И во Полска загинаа три лица, а четири се повредени.

По бурата Јуник, Белгија беше зафатена од бурата Френклин.

Кралскиот институт за метеорологија за крајбрежни подрачја издаде портокалово предупредување, а останатите делови од земјата се во жолто предупредување, поради очекувана брзина на ветрот од 80 до 110 километри на час.

Отежнато одвивање на авиосообраќајот

Отежнато се одвива и авионскиот сообраќај, а парковите и влезовите во шумите се затворени.

Во некои делови од земјата откажана е и наставата, како и железничкиот сообраќај.

Повредени се повеќе лица, а штета има на многу возила и објекти.

Од средата, под влијание на Дадли, Јуник и Френклин е и Холандија.

Јуник е најсилна бура во последните четири години. Штетата направена во последните шест дена се проценува на повеќе милијарди евра, а веројатно во следниот период дополнително ќе расте.

Поради бурата настрадаа најмалку четири лица.

Бурата Френклин го зафати северниот дел од Франција, а во многу делови издадено е портокалово предупредување.

Силен ветар

Француските медиуми јавија дека силен ветар погодил делови од земјата, а брзината на ветрот достигнувала до 171 километар на час.

На северот на земјата, поради бурата Јуник и Френклин, без напојување со електрична енергија останаа околу 16.000 домаќинства.

Железничкиот сообраќај е сопрен во многу делови од земјата, а наставата не се одржува.

Две лица на возраст од 70-тина години се најдени мртви во возило во градот Бриквуивил-сур-Мер.