(ВИДЕО) Бриж испушти историска победа, Реал се спаси од пораз среде Мадрид
Реал Мадрид приреди ново разочарување за своите навивачи, откако вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ против белгискиот вицепрвак Клуб Бриж се спасуваше од пораз и на крајот освои само бод.
Клуб Бриж имаше резултат од соништата по првите 45 минути и водеше со 2:0, но Реал Мадрид преку тоталната офанзива и иницијатива во второто полувреме успеа да дојде до израмнување и да се спаси од огромен срам.
Емануел Денис веќе во 8. минута ги доведе гостите во водство по одличната акција, но реализацијата беше навистина комична, бидејќи напаѓачот на белгискиот тим се сопна од топката, но за негова среќа таа влезе во голот на Реал.
Истиот играч во 39. минута зголеми на 0:2 по големата грешка на Лука Модриќ, но повторно загуби чекор и се чинеше дека ќе се сопне, но на крајот Денис маестрално ја смести топката зад грбот на Куртоа.
Сепак, Реал во второто полувреме вршеше страшен притисок врз голот на гостите, а тоа вроди со плод во 55. минута кога Рамос намали на 1:2.
„Кралевите“ продолжија со притисокот, а гостите останаа со играч помалку по вториот жолт картон на капитенот Вормер. Од тој прекршок Крос центрираше, а Касемиро во 85. минута го постави конечниот резултат.
Реал Мадрид по две одиграни кола во Лигата на шампионите има само еден освоен бод.
На вториот натпревар кој се одигра во истиот термин, екипата на Аталанта загуби од Шахтјор Доњецк со 1:2.
Јосип Иличиќ имаше шанса да ги доведе домаќините во водство во 16. минута, но не успеа да реализира пенал. Во 28. минута Дуван Запата ја доведе Аталанта во водство, но во 41. минута Мораес израмни на 1:1.
Конечните 1:2 ги постави Соломон во 95. минута од мечот.